Националниот комитет за СНЕ и БПТ се вклучува во кампањата „Против говор на омраза и подигање на свеста кај младите за безбедност во сообраќајот“ промовирана од Министерството за внатрешни работи и Агенција за млади и спорт

Националниот координатор Борче Петревски и замениците национални координатори Златко Апостолоски и Џеладин Ајвази од Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризам, заедно со Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за млади и спорт се вклучуваат во кампањата промовирана од страна на Агенцијата за млади и спорт „Против говор на омраза и подигање на свеста кај младите за безбедност во сообраќајот“

Двете кампањи ќе ги реализираат АМС, МВР и Националниот комитет за спречување на тероризам и насилен екстремизам и истите ќе се спроведуваат во текот на наредната 2019  година.

На настанот свое обраќање имаа Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и Националниот координатор на Националниот комитет за спречување на тероризам и насилен екстремизам Борче Петревски.

Во своето обраќање Националниот координатор Борче Петревски ја истакна важноста на слободата на говор како една цивилизациска придобивка, која не смее да се злоупотреби и да премине во говор на омраза. Истовремено, тој ја реафирмираше мисијата на Комитетот -  развивање и проширување на свесноста на граѓаните за да можат успешно да проценат манипулација, агресија, деструктивно однесување, говор на омраза, иницирање на раздор и поттикнување насилство и насилен екстремизам и радикализација.

Комитетот ќе продолжи да биде фактор на поттикнување на реформи, на позитивни промени, на градење на позитивните вредности, почитување и заедништво на целокупната мултинационална заедница испреплетена со многу други различности (верски, религиски, полови, родови, културни) бидејќи цврсто верува дека само со инклузивни и отпорни заедници во кои централно место ќе имаат граѓаните и соработката со нив, може да овозможиме заштита и спречување на насилниот екстремизам и радикализацијата и на локално и на регионално ниво, што е еден од клучните предуслови за  создавање на еден сигурен и безбеден амбиент за сеопшт развој на нашето општество.