Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски денеска одржаа заедничка прес- конференција на која ги резимираа резултатите од финансиското и економското работење на Владата.
Во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев на прес-конференцијата во целост:
„На почетокот, дозволете ми на сите вас, а преку вашите медиуми и на сите граѓани на нашата земја уште еднаш да ја честитам Новата 2019 година, со желби за успех на секој план.
Годината што измина беше година на враќање на евроатланските интеграции на врвот на агендата. Го склучивме македонско-грчкиот Договор од Преспа, а со усвојување на уставните измени ја отстрануваме блокадата за нашето интегрирање во НАТО Алијансата и потоа во Европската Унија.
Од зоната на целосна неизвесност, Македонија ја доведовме во помирно море, како држава со сигурна и обезбедена иднина.
Покрај гаранцијата за безбедноста, пред нас се отвораат реални и одржливи економски перспективи.
Тоа ни дава за право, оваа, 2019 година, да ја гледаме како година на остварување на економски резултати, година кога економијата почнува да функционира за секого, за што поставивме сериозни основи во Буџетот и во економските политики за поддршка на бизнисот и на инвестициите.
Паралелно со поставените услови за растечка економија, поставивме и цел систем на реформи за социјална праведност, како основи за подобра живејачка за сите граѓани.
Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благосостојба.
Дефицитот во пензискиот фонд нема повеќе да расте, а тоа ја испраќа пораката за сигурност и стабилност до сегашните пензионери, но секако и до идните.
Симболично е праведното оданочување, зафаќа само 1 процент од граѓаните што остваруваат приход повеќе од 90 илјади денари, но испраќа порака на солидарност. Со 3 илјади денари не може да се живее во семејствата. Социјалната помош оваа година ќе биде 11.700 денари.
Предвидовме сериозен буџет за мотивиран јавен сектор, за вработените во здравството, образованието, во градинките и за останатите јавни служби, за да им служи еднакво квалитетно на сите граѓани, без исклучок.
Буџетот за 2019 е дизајниран да ја одржи макро-економската стабилност и фискалната консолидација, и со очекуван раст на БДП од 3.2%.
Фискалната политика на Владата на Република Македонија за 2019 година е во функција на обезбедување раст на македонската економија, социјална сигурност и забрзување на пристапувањето во НАТО и интеграцијата кон ЕУ.
Во 2019 година ќе продолжи трендот на раст на платите и на вработувањето во приватниот сектор, поддржан со владините мерки, со што ќе се зголеми расположливиот доход на домаќинствата.
Ги враќаме парите назад кон граѓаните. Евтината тарифа на струјата остави кај граѓани 14,4 милиони евра, укинувањето на радиодифузната такса им заштеди 15 милиони евра на граѓаните, минималната плата, намалувањето на казните и скалестото казнување и опомените наместо казни, оставаат пари кај граѓаните, исто како и укинувањето на трошоците на извршителите. Укинувањето на каматите на долговите за струја беше решение за преку 200 илјади семејства, исто како и зголемените плати во јавната администрација.
Проектиравме намалување на невработеноста на рекордно ниски 20% со помош на пакетот активни мерки за вработување – вреден 1.1 милијарда денари, како историски највисок износ во досегашните политики за вработување.
Остануваме на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 40% во однос на ребалансот за 2018 година.
Пристапот до оваа финансиска поддршка на менаџерите и компаниите им обезбедува зголемување на конкурентноста преку мерките за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување нови пазари, обезбедува нови работни мести, субвенции за иновативната дејност, технолошки развој и истражување, и други погодности, подеднакво достапни и за домашните и за странските компании.
Во 2018 година се започна со изградбата на 16 нови странски инвестиции кои ќе имаат сериозен импакт во економијата. 250 домашни фирми добија директна помош со новиот закон за поддршка на развојот преку Фондот за иновации и технолошки развој. 15 компании добија лиценца за производство на медицинско масло од марихуана, и вработуваат 300 лица и очекуваат вкупен обрт на капитал од преку 100 милиони евра. Тоа е 1 процент од БДП на државата. Повеќе од 15 компании стартуваат со работа како во земјоделскиот сектор, а преку 20 компании се отворени во индустриските зони на општините, надвор од ТИРЗ-овите.
За здравствена заштита планирани се средства во износ од 30 милијарди денари, што е поголем износ во однос на 2018 година за околу две милијарди денари: За зголемување на средствата за финансирање на здравствените програми, за набавка на нови лекови за лица со ретки болести, за поголеми плати на здравствените работници.
Планирано е и остварување на одредени заштеди со примената на методи за лечење дома за интервенции за кои претходно се одлеваа пари во странство.
Силен придонес за вкупниот економски раст во оваа година очекуваме да дојде и од земјоделството со зголемениот буџет за сериозна поддршка за земјоделството, поддршка за производство, за квалитет и за сигурен пласман.
„Зелената нафта“ пристигнува во 2019 година за поддршка на земјоделските стопанства од 30% при набавка на гориво за земјоделска механизација. Оваа мерка се воведува за прв пат во нашата земја.
Интересот на граѓаните останува во фокусот на оваа Влада со повисок буџет на Програмата за рамномерен регионален развој планирана на ниво од околу 512 милиони денари. Тоа се 107 милиони денари повеќе во однос на ребалансот за 2018 за развој на планските региони, развој на подрачја со специфични развојни програми, проекти за развој на селата, како и Проектот за подобрување на општински услуги за изградба капитални инфраструктурни проекти за поквалитетен живот и за заштита на животната средина.
Сигурно беше забележлива и мерката на владата за поддршка на работата на општините. Педесетте милиони евра во 2018 година беа само дел од оваа политика, а во оваа година планираме дополнителни 70 милиони за локални патишта, и уште 50 милиони евра за локални водоводи и канализации, покрај 35-те милиони евра од ТАВ за поддршка на локалните јавни претпријатија.
За прв пат во стратешките приоритети во програмата на една влада е определена Програма за намалување на аерозагадувањето.
Првично утврдениот буџет за оваа програма изнесува 98 милиони денари, и тоа е само дел од веќе постоечките буџети за еколошките мерки во Министерството за животна средина, во Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, во проектот за гасификација и мерките за животна средина на општините.
Во 2019 следува сериозно придвижување во делот на капиталните инвестиции.
Пред три недели го потпишавме Договорот за грант во висина од 68,6 милиони евра со Европската банка за обнова и развој, преку Инвестициската рамка на Западен Балкан на Европската Унија, наменет за изградба на железничката пруга за поврзување со Бугарија и со Албанија.
Овој договор е одлична најава за годината што е пред нас. Година што ја прогласуваме за година на економски раст и за спроведување на економските политики.
Проектот за доизградба на железничкиот Коридор VIII го поврзува Црното Море со Јадранско Море, односно, тоа е коридор кој преку Бугарија, Македонија и Албанија, ги поврзува Блискиот Исток и Азија со Европската Унија.
Во таа насока, оваа артериска трансверзала е од огромна стратешка и економска важност за Република Македонија.
Грантовите, односно неповратните средства од ЕУ имаат посебно значење за Република Македонија. Партнерското учество на Европската Унија и на нејзините финансиски институции со поволни кредити за капитални проекти во Македонија, потврдува дека нашата и европската интеграција на Западен Балкан е препознаена како геостратешка инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа, базирана на заеднички вредности и стандарди.
Оваа година ќе со ЕУ ќе отвориме и повеќе инвестиции во енергетиката, инфраструктурата и земјоделството.
Се надевам дека со сите овие планови за 2019 година навистина на крајот од неа ќе можеме да заклучиме дека била година на економијата во Република Македонија.“