Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец со кого разговараше за актуелните политички процеси во земјата и за планирани активности на билатерална соработка меѓу двете земји во наредниот период.
На средбата, премиерот Заев го информираше амбасадорот Јазбец за постапката и фазите на уставните измени и спроведувањето на Преспанскиот договор изразувајќи очекување за успешно заокружување на процесот во Собранието на Република Македонија.
Амбасадорот Јазбец ја поздрави посветеноста на Владата за исполнување на реформите и нагласи дека Република Словенија останува силен поддржувач на напорите на Македонија за интеграциите на земјата во ЕУ и НАТО. Тој подвлече дека е многу важно, историскиот момент пред кој се наоѓа земјата да го искористат сите партии и да бидат единствени во донесувањето на одлуките кои ќе и помогнат да земјата да ги оствари евроатлантските аспирации.
На состанокот се разговараше и за искористување на можноста за поголема динамика на економската соработка помеѓу Македонија и Словенија, како и за продлабочување на соработката на проекти од областа на земјоделството.
Премиерот Заев изрази благодарност од свое име и од име на граѓаните на Република Македонија за помошта, заложбите и големата пријателска помош која Македонија ја има од Република Словенија, за заокружување на демократските процеси на патот кон евроатлантските интеграции.