Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати неколку пати на вечерашната собраниска седница, на којашто се утврдени, донесени и прогласени амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија и на којашто е амандмански дополнет Уставниот закон преку донесена одлука од страна на Собранието на Република Македонија за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија.
Во врска со прифатените амандмани во финалната фаза, меѓу кои има и амандмани на пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на Панчо Минов, на Алијанса за Албанците и на БЕСА, премиерот Заев рече:
„Добивме конечна потврда на нашиот идентитет и на нашиот јазик. Имаме правично решение. сегашниот Устав и Уставен закон се подобрени“, при што изрази благодарност до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и БЕСА со кои беше обезбедено гласањето со двотретиското мнозинство во Парламентот.
„Од независноста досега, овој Парламент носел прекрасни одлуки, со коишто се покачувале плати, закони со коишто се унапредувала благосостојбата на граѓаните, но Парламентот имал и тешки одлуки и оваа денешната не е лесна одлука. Но се сериозни и одговорни одлуки кои ја гарантираат иднината на Македонија“, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев додаде дека „најлесно е да го избегнете овој процес и под превезот на политиканството да се скриете“. Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател се за ЕУ, партијата знае дека подобар договор од овој не може да се постигне „и знае дека без договор со Грција нема НАТО и ЕУ, а тоа се децениски аспирации на нашите граѓани“ и објасни дека за време на целиот преговарачки процес го информирал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кога од мај повеќе не сакал да дискутира, иако знаел дека што се случува во регионот „и колку од безбедносен аспект е важно да се постигне договор“. Исто така уште еднаш беше потсетено дека решение само за меѓународна употреба и можело да биде постигнато, но тогаш во називот на државата ќе ја немало Македонија, или ќе имало модифициран назив, што со сегашното решение е избегнато, а името Македонија е сочувано.
Премиерот Заев, обраќајки им се на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа ЗА во процесот, им се заблагодари за нивниот конструктивен однос, затоа што, како што рече, со тоа уште еднаш е зацврстен македонскиот идентитет, дефинирана е практичната примена на новото решение дома, стапувањето на сила и сочувано е државјанството, како што е и досега, македонско.
Премиерот Заев се заблагодари и на пратениците на Беса и на Алијанса на Албанците за нивниот придонес во процесот.
Подобрена е формулација во Преамбулата на Уставот, со што, како што рече премиерот Заев „се постигна да се отстрани чувство дека граѓаните од другите заедници како да се времено овде“ и направена е еднаквост помеѓу сите граѓани. Понатаму, во делот на дијаспората „се испраќа порака дека државата води грижа за сите свои граѓани во дијаспората“, а не само на македонската етничка заедница. А во врска со делот за државјанството премиерот Заев рече дека разговорите се одвиваа од технички аспект и карактер, дека целта на пратениците од Беса не била да го доведе во прашање државјанството, македонско / граѓанин на република Северна Македонија, туку обид да се гарантира дека кај граѓаните од албанска етничка припадност и од другите припадности на помалите етнички заедници, преводот да не предизвика на некој начин да бидат допрени до нивниот идентитетски основ.
„Целта не е Албанците да бидат Македонци. Сите имаме државјанство, македонско / граѓанин на Република Северна Македонија, но етничкиот идентитет е различно од државјанството“ рече премиерот Заев. Тој го цитираше прифатениот амандман со којшто беше постигнат договорот и којшто, како што рече тој, гласи:
„Државјанството, македонско / граѓанин на Република Северна Македонија, во личните документи и патни исправи на граѓаните, се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Државјанството, македонско / граѓанин на Република Северна Македонија, во личните документи и патни исправи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се пишуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на тој јазик и неговото писмо. И истото ќе се утврди на тој јазик во сите закони каде што треба да се примени“.
Со овој амандман не се допира во делот на едниството во државата и на соживотот, ниту пак во македонскиот идентитет, рече објасни премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница. на којашто се изгласани уставните амандмани и се донесени измените на Уставиот закон, а амандманите 33, 34, 35, 36 стануваат составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуцијата 817 и 845 на Советот за безбедност на ОН, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995-та година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и на ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од првата страна на Конечната спогодба.