Премиерот Зоран Заев беше гостин во предновогодишната емисија „Лица“ со Анета Кочишки, каде што ја резимираше 2018 и зборуваше за своите очекувања во 2019 година. Помалку за политиката, а повеќе за тоа кој е Зоран Заев приватно, дознајте повеќе за премиерот во детството и младоста и за Нова Година.
- Имам вкупно 18 другари, до ден денес се дружиме, ги користиме празниците да поминеме дел заедно, обично на 1 мај, на Нова Година или во текот на летото, ќе се подружиме, ќе излеземе на вечера, вели премиерот.
Студентските денови си ги споменува како напорни, но веројатно најубави денови од младоста. Кога се вратил во семејните фирми и очекувал да биде директор, но првата година го ставиле да работи во магацинот, па го унапредиле уште шест месеци во сметководство и дури потоа го ставиле да биде комерцијален директор – искуство кое му се нашло во животот. По куса пратеничка кариера, се враќа во Струмица како градоначалник, а и денес живее таму со семејството.
- Не работам 24/7, неделата е за мене, кога можам и во сабота сум со семејството, секогаш се враќам во Струмица. Тука ми се другарите, се трудам да бидам едноставен и приземен, да ги слушнам разговорите, знам да се прошетам и во Скопје, затоа што некогаш власта и политиката можат да ги тргнат политичарите понастрана од реалноста на граѓаните, објаснува премиерот.
Политиката го повлекла од економијата кога општествената дебата барала да се направи нешто политички, за да има иднина за бизнисите и за граѓаните. Одлуката паднала на семејните средби, бидејќи семејството видело дека има таква наклоност.
- Сфатив дека со моите економски и практични искуства може да се покажат убави општествени резултати. Верувам дека низ економскиот перформанс на општина Струмица станав видлив за Македонија, вели Заев и додава дека токму успехот како градоначалник го рангирал повисоко во политиката.
Тој очекува дека по крупните политички прашања, доаѓа време на убава економска борба и верува дека Владата ќе донесе економски напредок во Македонија кој ќе го почувствуваат и граѓаните.
- Македонија ќе каска во место се додека не ги реши отворените билатерални прашања, затоа што беа кочницата за нашата интеграција и во НАТО и во ЕУ. НАТО и ЕУ носат стабилност, мир, сигурност, но и економија, домашни и странски инвестиции. Дебатата во политичките кругови е дали со претседателските да се оди и на парламентарни или не. Но сега, кога треба да ги собереме ловориките од крупните одлуки кои ќе го донесат економскиот бран на охрабрување, исклучиво од нас дома ќе зависат економските успеси. Верувам дека ќе ги покажеме, вториот и третиот квартал покажуваат раст од 3,1%, а четвртиот кој ќе биде објавен во февруари очекувам 4%, изјави Заев и додава дека само над 4% раст граѓаните ќе го почувствуваат вистински.
За семејните бизниси вели дека ги чува семејството, а тоа си има дадено збор да се одржи без оглед на се. Како што објаснува, си помагаат меѓусебно, затоа што парите имаат вредност единствено кога се вртат, а се договориле да водат скромен живот, за да не дојде до девијантни појави.
- Знам да се консултирам, да прашувам, се сметам можеби повеќе за храбар отколку за најпаметен. Јас сум просечен, едноставен човек. Веројатно поучен од минатото, сум исправен пред мандат во којшто беа созреани процесите за храбри одлуки, ќе рече и додава дека истиот принцип го користи и во политиката – консултации со експертите и храбри одлуки за кои верува дека носат перспективи за граѓаните.
За критиките што ги трпи деновиве, околу Преспанскиот договор, вели дека е сигурен дека тој ќе има иднина само ако е целосен и затоа ги носи чекорите ставајќи ја дури и сопствената политичка кариера во ризик, како што се случи со објавувањето на бомбите и упадот во Собранието на 27 април. Сепак, се надева дека процесите водат кон целосно помирување, затоа што во моментов сме само на неговиот почеток, затоа што мора да допре до сите граѓани зафатени со политичкиот раздор.
Годинава вели дека ќе ја памети, и за Македонија и за него како претседател на Владата, по храбрите одлуки и решавањето на споровите.
- Спорот со Бугарија беше решен во 2017, но првите фази на разговорите и имплементацијата беа годинава и покажавме раст на трговијата од 10 до 12%. Преспанскиот договор е одличен модел за решавање на слични проблеми секаде во светот, затоа што најдовме концепт за решавање на идентитетски прашања, вели Заев.
Целото интервју со премиерот Заев погледнете го во видеото.