Интервју на премиерот Заев за МКД.мк (14.12.2017)

Во процесот на решавање на прашањето за името сите знаат дека треба да го сочуваме достоинството и на народот и на нацијата и на државата. Но ако, не дај боже, не се реши до крајот на јуни, тогаш, наместо ние во Европа, ќе мора Европа да ја донесеме овде. Но јас сум непоправлив оптимист и не помислувам дека нема да се реши, вели премиерот Зоран Заев во интервјуто за МКД.мк. Тој додава дека никој од него не побарал промена на имиња на патишта или аеродром, но ако некој постави вакво прашање, тој е спремен да разговара. Заев се надева дека кај опозицијата ќе преовладее чувството на одговорност кон државата и дека таа ќе се врати во парламентот.

Најавите за напредок во евроатлантските интеграции идната година, за која велите дека е клучна, се чинат пооптимистички отколку што е реалната состојба. На што го темелите тој оптимизам?

-Целиот регион и нашата Македонија се многу поинакви во очите на ЕУ, и на целиот демократски свет, за само една година. Република Македонија блесна во очите на Европската Унија. Критериумите се јасни и строги и ако нема реален напредок, нема да можеме да ги излажеме партнерите од ЕУ, коишто треба да штиклираат успешна реформа.

Оптимизмот е реален и се темели на јасниот реформски пакет наречен 3-6-9, на интензитетот на спроведување на реформите поставени во тој план и на довербата што реформскиот концепт ја има од граѓаните на Република Македонија.

Во 2018 година влегуваме со уште посилен ентузијазам, со јасна мапа на сите предизвици пред себе и со посветеност за реформите да заинтересираме што е можно повеќе целни групи и заедници. Инклузивноста подразбира да се биде отворен за критика и да се даде можност, институционален канал, секој заинтересиран субјект да даде мислење или сугестија како да се подобруваме на реформскиот пат.

Да, критериумите се јасни и строги, ама до каде сме со нивното остварување?

-Во реализацијата на Планот 3-6-9, фазата на трите месеци е успешно завршена, таа на шесте месеци е во тек и верувам дека на „прекршителните“ моменти навистина сме исполнителни. Има одредени застои поради Собранието, ја чекавме опозицијата. Нова седница ќе има на 15 јануари и очекувам дека опозицијата ќе се појави во парламентот. Опозицијата треба да учествува во донесувањето на законите, дали ќе гласа или не, тоа е нивно право. Наша обврска е да направиме доволно инклузивен процес и сѐ што можеме за да ги поттикнеме да ги поддржат реформите, но во најмала рака тие мора да бидат учесници во носењето на одлуките.

Имате информација дали ќе се вратат, има ли комуникација околу тоа прашање?

-Јас од средбата со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, добив на знаење дека генералната тенденција е да учествуваат во Собранието. Веројатно тоа е врзано со некои одлуки што допрва треба да ги носат, поврзани со притворите за пратениците и другите лица. Тоа се нивни одлуки, но јас се надевам дека сепак ќе преовладее одговорноста кон државата. Опозицијата има одговорност, секако помала од власта, но има одговорност. Искрено се надевам дека ќе се вратат во парламентот за да работиме.

Мицкоски најави дека подготвуваат закон за амнестија, значи секако мора да дојдат во парламентот...

-Ете уште една причина да се надеваме дека ќе се вратат.

Велите дека со Грција градиме огромно пријателство и дека остана само еден политички проблем што ќе го решиме, а за себе рековте дека сте политичар што сака да го реши проблемот со Грција за името. Не сте единствениот политичар што сака да го реши, но како ќе го сторите тоа без отстапки од другата страна? Убеден ли сте дека Грција е подготвена на компромис?

-Засега можам да кажам дека успешно ја реализиравме првата фаза, при што посредникот Метју Нимиц седна на маса заедно со преговарачите од двете страни, за да провери до каде се спремни да одат двете страни и впечатокот од таа средба е дека двете страни се спремни суштински да навлезат во решавање на проблемот. Паралелно, градиме меѓусебна доверба и тоа се гледа низ сите пораки што си ги испраќаме едни на други.

Сѐ уште не е дојден моментот да се разговара по предлози, но очекувано е да има чести сесии, за наоѓање решение на проблемот со името.

Убеден сум дека тоа треба да го направиме до крајот на првата половина на 2018 година.

Тоа е фактичката состојба во овој момент. Како ќе се развива понатаму преговарачкиот процес не би можел да знам, но се надевам на најдоброто.

Во име на таа надеж би се воздржал од дополнителни прогнози, со една единствена цел - не би сакал на кој било начин оваа, можеби клучна шанса за Македонија, да биде загрозена од погрешно толкување на зборови.

Мене животот ме научил дека за да има некое решение, треба да има отстапки од двете страни, или двете да бидат подеднакво среќни, или двете да бидат подеднакво несреќни. Но решение треба да има. Јас сум среќен што доаѓаат и позитивни пораки од Грција и дека тие се поприлично многу поподготвени за решение од порано. Македонија е исто така поприлично поподготвена и тоа го покажуваме, веројатно со извлечени поуки од минатото, колку тоа ја чини државата со губење на младите, со миграциите, со застоите во севкупните процеси. Тоа се само причини и за нас и за Грција да се направат максимални напори да се најде решение. Тоа што е ново е градењето на пријателство и недозволувањето на кои било причини од наша страна да бидат за нив изговор за нерешавање на проблемот. Истовремено, среќен сум што и грчката страна навистина е внимателна. Сето тоа дава надеж и оптимизам дека можеме, ако бидеме доволно храбри и доволно родољуби кон своите земји и доволно со погледи кон перспективите и иднината, да ја преземеме одговорноста и да го решиме ова.

Би се согласиле ли со промена на Уставот, бидејќи предлозите што се споменуваат од Грција го предвидуваат и тоа, имајќи го предвид инсистирањето за ерга омнес?

-Не се согласувам дека сите изјави од Грција се поврзани со тоа. Но не би навлегувал во дебати и во суштина, затоа што сакам да му дадам шанса на преговарачкиот процес. Ако преку медиумите соопштуваме детали од нашите позиции или стратегии како држава, верувам дека нема да придонесеме кон полесно решавање на овој проблем што Грција го има со нашето уставно име, туку верувам дека треба да ја информираме јавноста за текот на процесите, за она што се случува.

Јавноста знае, но ќе потврдам дека досега сѐ што сме направиле во овој процес е потврдување дека ние сме во суштина подготвени да влеземе во решавање на ова прашање. Не само купување време или одложување, туку мислиме дека до крајот на првата половина од 2018 треба да го искористиме како период погоден за двете земји за да се најде решение.

Што ако не се реши спорот до крајот на јуни?

-Верувам дека ќе се реши, дури и не помислувам дека нема да се реши.

Толку сте убеден дека тоа ќе се случи?

-Веројатно тоа ми ги прави позициите пооптимистички и сакам да верувам дека ќе се реши. Не дај боже, ако не се реши, тогаш, наместо ние во Европа, ќе мора Европа да ја донесеме овде. Но јас сум непоправлив оптимист.

Што значи тоа Европа да ја донесеме овде?

-Тоа значи комплетно создавање европски вредности, коишто нашите граѓани ќе ги практикуваат како да сме членка на ЕУ. И верувам дека тоа е можно, но секако тоа не треба да биде нашиот план Б. Нашиот план и А и Б и В е потполна интеграција во ЕУ и во НАТО.

Многу граѓани во Македонија, кога се зборува за прашањето за името, без оглед од која партија се, велат „Заев ќе го продаде името“...

-Мојот патриотски однос кон државата сум го докажал и јас и заедно со моето семејство. Сѐ што имам ми е во Македонија, сѐ што сум учел е љубовта кон мојот народ и мојата татковина. Сум се радувал за мојата независност, нашата македонска независност, посебност, различност од сите земји и апсолутно македонштината ми е својствена како на секој наш граѓанин и ја негуваме во нашите души и срца. Апсолутно сум свесен дека родољубието е перспективата на државата. Секако сите знаат дека треба да ѝ отвориме перспективи на Македонија, но и сите знаат дека треба да го сочуваме достоинството и на народот и на нацијата и на државата.

Значи не го „продавате“ името?

-Немам намера ништо да продавам, ниту да купувам.

Останувате на партиската определба за референдум?

-Да, нашата определба е овој проблем да се решава заедно со опозицијата и со другите институции, како што е претседателот, но во функција на наоѓање решение и заедничко спроведување на референдум за потврда од граѓаните, а не во функција на пролонгирање или блокирање на овој процес.

Имате ли изградено заедничка позиција со претседателот Иванов и со опозицијата?

-Разговаравме за првиот процес на давање упатства на преговарачот Васко Наумовски, меѓусебно се информиравме. Периодот беше незгоден затоа што ВМРО-ДПМНЕ беше пред конгрес, па во таа фаза се информираа неколку пратеници. Претседателот Иванов исто така е информиран од Наумовски и до тука сме дојдени. Како што ќе напредуваат фазите, јас ќе бидам првиот што ќе ги информира и опозицијата и Иванов.

Но со преговарачот имавте одвоени средби, Вие и претседателот...

-Веројатно не сме дојдени до таа фаза. Јас прифатив да имаме заедничка средба кај претседателот на државата за брифирање со Наумовски. Претседателот веројатно не беше во државата, па не можеше да се оствари средбата. Останувам на ставот дека државата треба заеднички да застане, да ги гради стратегиите, заеднички да дава упатства и заеднички да навлегува во решавањето на овој проблем.

Преговарачот Наумовски има нови упатства за средбата на 19 јануари?

-Нема нови упатства.

Му ветивте ли навистина на Бутарис промена на името на аеродромот, на улици, на автопатот и слично?

-Се работи за неформална средба. Се разговараше за сѐ, се отворија секакви прашања. Јас реков дека чекам да дојде соодветно време, спремен сум да покажам градење пријателство. Никој не побарал од мене промена на имиња на патишта или аеродром. Знам дека главна задача во овој процес е да најдеме решение, а ако некој постави вакво прашање, јас сум спремен да разговарам.

До каде ќе оди Македонија во компромисот?

-До таму до каде што придобивката ќе биде вредност плус за Македонија и до каде што ќе оди и Република Грција во компромисот. Затоа е компромис. Двете страни мора да направат отстапки, а со тоа да создадат придобивки, за на крајот да си подадеме рака и да се видиме како партнери под европското знаме.

Потсетувам дека за ова прашање ќе бараме национален консензус, учество и согласност од политичките фактори и, се разбира, од граѓаните. Мојот оптимизам го темелам на основа на тоа што го чувствувам како подготвеност од грчка страна, и преку средбите со Коѕијас, но и од разговорот што го имав со премиерот Ципрас и како генерална оцена на политичката фела во Грција. Драго ми е што е подобрен имиџот на Македонија во Грција. Верувам дека ќе можеме со целосно зачувување на нашиот дигнитет да најдеме решение.

Грчкиот премиер имаше средба со неколку министри од различни партии за ова прашање. Планирате Вие некаква слична средба?

-Да, планирам. Секако, во соодветно време. Планирам да биде тука шефот на најголемата опозициска партија, веројатно една или две албански партии, претседателот на државата. Ако можеме да се собереме сите, би било добро и се надевам дека тоа ќе биде баш родољупски во интерес на државата, а не заради ситни калкулации или некакви поени.

Тоа ќе значи и наш официјален став, дека заедно со опозицијата и институциите на државата ќе се обидеме да ги изградиме нашите стратегии во функција на решавање на овој проблем.

Колку е стабилна владината коалиција со заминувањето на Алијансата за Албанците?

-Коалицијата е стабилна затоа што пристапуваме со голема одговорност кон поставените реформи, кон програмата за работа на Владата и кон дадениот збор пред граѓаните.

Не можеме да дозволиме Македонија повторно да стане заложник на политичките амбиции на поединци или политички партии. Премногу е свежа таа лекција за да се однесуваме како да не сме ја научиле. Планот 3-6-9 и спроведувањето на реформите не е, и не смее да биде предмет на пазарење. Тоа ни е билетот за возот што ќе нè однесе во ЕУ и НАТО, а тоа е побитно и од ДУИ и од Алијансата и од СДСМ и од Заев, и од кого било од владејачкото мнозинство. Ако реформите и мирниот и квалитетен живот на граѓаните се пред сè и над сè, тогаш не треба да постои пречка тие да бидат прифатени и поддржани и од пратеници што до сега не беа дел до владејачкото мнозинство.

Алијансата за Албанците не е во Владата. До кога ќе ја чувате позицијата вицепремиер за реформи за Зијадин Села и ако е толку важна, како што рековте неколку пати, зошто не му ја дадете на некој друг?

-Таа функција во моментов јас ја извршувам и сите знаат дека како главен координатор по функција, како премиер, ги движам ресорите затоа што главна стратегиска цел на Македонија е членство во ЕУ и во НАТО. И навистина е сериозна позиција, како и другите вицепремиерски функции. Останува под моја контрола, и верувам дека позицијата засега треба да биде отворена. Водејќи се од програмските принципи и определбите на Алијанса за Албанците, јас го понудив ова место. Тие се млада партија што сака да расте, имаат двајца пратеници и ова беше и е одличен предизвик да се зафати, имајќи предвид дека имаше и многу други значајни позиции во државата. И од тој аспект не би сакал да кажам дека е измислено место, зашто сите знаат дека не е измислено место, реформите се многу значајни. Но останува отворено.

Но Села кажа дека не е заинтересиран за тоа место. Зошто не го дадете на друг, на ДПА на пример?

-На пример, мислам дека не треба да го понудам на друг во моментов. Мислам дека тие можеа да го исполнат тоа и го понудив. Во моментот како мандатор мислам дека не гледам одредена можна соработка со други партии преку понуда на такво место.

Ќе влезе ли ДПА во Владата?

-Немаме никакви разговори со господинот Мендух Тачи и со ДПА.

Ветивте департизација, а последниот пример со оставката на директорот на Очна клиника од Алијансата за Албанците, кој дури и ја објави оставката, е класичен пример на партиски војник на директорско место во здравството. Како да се излезе од тој шаблон на поставување директори по партиска линија и навистина да се ставаат стручни луѓе на вистинските места?

-Дел од позициите се и ќе останат политичка определба. Некаде се експерти. За Очна клиника се погодило политичка партија да понуди експерт. Јас и не го знам него. Имаше критики дека сме повлекле многу луѓе од граѓанскиот сектор и слично. Но ние се отвораме.

Првиот принцип е експертизата на профилот на личноста што се нуди за тоа место и апсолутно сме растоварени дали е од политичка партија од мнозинството или е независен граѓанин, професор, експерт или слично. Мора да ги искористиме сите капацитети, има еден куп многу подобри луѓе од нас политичарите, но не се нафаќаат за овие позиции. Но ние сме политички партии избирани на избори и мора да ја преземеме одговорноста за политички позиции за одредени места.

Имате ли одговор на обвинувањата од Села дека на пример „едно општество не важи за сите“, во случајот со Гостивар, дека работите со Али Ахмети да го тргнете него и слично?

-Легитимно е да има секаква дебата во нашето општество и јас ја прифаќам како здрава. Но на крајот можеме само да се замислуваме дека граѓаните не ги знаат деталите. Граѓаните знаат сѐ. Суштината во управувањето дури и во Гостивар, мора да биде прво интересот на граѓаните на Гостивар. Го слушам градоначалникот, зборува за заедништво, а ги смени сите директори и постави партиски луѓе. Го потврди фактички ВМРО-ДПМНЕ. Не сум дал инструкции, ниту имам намера. Апелирам на соработка од секаков вид во функција на доброто за граѓаните на Гостивар. И тоа важи за сите општини. Немам предрасуди, сите градоначалници ми се еднакви, секој град, село, граѓанин, зашто навистина верувам во концептот едно општество за сите. Тоа е можно во Македонија. До пред 1-2 или три години не беше можно.

Реформите во правосудството не одат баш едногласно. Очигледно е дека има отпор кај една структура на луѓе на кои ова не им одговара и наметнуваат некои други решенија. Колку длабоко сте подготвени да одите во овие реформи?

-Верувам и знам дека меѓу судиите има сериозен дел што се спремни и чесни. Во амбиент кога се подготвува и се спроведува реформа, чесните ќе се приклучат. Ги следев сите реакции од членовите на Советот за реформи во правосудството и како што сум информиран, проблемите се надминати, но истовремено ги знам и причините за манифестираните реакции.

И знам дека може и подобро, а тоа е можно само ако се зголеми напорот, ако им се посвети повеќе внимание на ставовите на другиот, на различните мислења. Во таа насока, за да се интензивира спроведувањето на реформите, лично како премиер одлучив да основам Совет за спроведување на стратегијата за реформите на правосудството, тело што ќе помогне да се растовари обемот на ангажманот што падна врз Советот за реформи при Министерството за правда.

Дадена е можност за работа, можност за исправање една голема грешка што ни се случи, а ја плаќаме прескапо – партизацијата на судството. Без независно судство тешко дека ќе се врати довербата во институциите. Треба да ги вклучиме сите заинтересирани, да ја има дебатата, здрава дебата, за да се продуцираат квалитетни решенија што ќе дадат конечна реализација на целта што ја сакаме – независно правосудство.

Позитивни потези надвор, на меѓународна сцена. Што дома? Тука незадоволството е поголемо, па веќе ви беа упатени критики и повици „да се вратите дома“?

-Интеграцијата на Македонија надвор е еден од условите за да излеземе од изолацијата. Билатералните соработки со соседите и со земјите од регионот носат директен економски бенефит за граѓаните на Македонија. Олеснуваме трговски размени, создаваме услови за полесно движење на граѓаните, ги поевтинуваме комуникациите, вложуваме во инфраструктурно поврзување. Сите овие мерки што се резултат и на надворешната политика се со јасна цел, подобар живот на граѓаните дома, внатре или ако сакате, внатрешна интеграција. Овие два сегменти и инаку се нераскинливо поврзани, но во нашиов моментум тие се практично едно, ако сакаме да разбереме колку е важно целиот регион, Западен Балкан да оди напред, во време кога Унијата подава рака.

Патем, запознаен сум со критиките. И јас сакам штетите во системот да се репарираат многу побрзо отколку што се нанесувале. Но со носењето избрзани одлуки и решенија преку ноќ, колку да ни се брои нема да бидеме ништо подобри од нашите претходници. Се заложивме на континуирана транспарентност и отчетност и на создавање можности за учество на стручната јавност и граѓанскиот сектор низ институционалните механизми. Ако сакате сѐ да е транспарентно, мора прво да вклучите експерти, законите да се носат во нормални постапки по пат на дебата.

Тоа одзема време, но знаеме дека ги отстранува ризиците за „забегување“. Не сакаме да создадеме затворена власт, од една таква едвај се ослободивме.

Најавивте дека веќе имате сомневања за коруптивни активности на двајца високи владини функционери. Од тогаш јавноста нема никаква информација за тоа. Дали имате некоја подетална информација за овие случаи?

-Таа изјава е манифестација на одлучноста на владата за нула толеранција кон корупцијата во сите сфери на власта. Никој нема да биде поштеден ако постојат основани сомневања за злоупотреби на позицијата и овластувањата. Пораката е јасна и бескомпромисна. Верувам во професионалноста на надлежните институции да си ја завршат својата работа.

Како гледате на случувањата во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи таа сепак ѝ е потребна на власта и за спроведување на реформите и за решавање на името?

Добро е ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се бори да си го обели образот и да се ослободи од криминалниот товар наметнат од минатите години.

Му посакувам среќа и многу истрајност на тој пат на новоизбраниот претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Особено сум задоволен што на средбата во владата се согласивме дека е неопходно учеството на опозицијата во процесот на реформите, заради интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.

На Македонија ѝ треба силна, демократска опозиција. Си требаме едни на други, не како поединци-политичари, туку како одговорни политички субјекти, кои треба да изградиме мостови помеѓу нашите разлики и да ги спроведеме реформите што ни следуваат, а за кои ни е потребен национален консензус.