Република Македонија се гради и поврзува со квалитетна, безбедна и сигурна патна инфраструктура - граѓаните ќе патуваат полесно и побезбедно до саканите дестинации

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа заедничка прес-конференција на којашто Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов ги презентираа плановите за изградба на модерна патна инфраструктура за 2019 низ целата територија на Република Македонија.

„Со почетокот на градежната сезона започнуваме со забрзана изградба и рехабилитација на најголем дел од патната мрежа во Република Македонија во вкупна вредност од 1 милијарда и 270 милиони евра. Станува збор за големи инвестиции во изградбата на нови патишта како и реконструкција на постоечките во вкупна должина од преку 770 километри. Оваа година започнуваме со реализација на нови проекти за изградба, рехабилитација и реконструкција на 43 патни правци, а засилено ќе продолжиме со изградба и реконструкција на веќе започнатите 27 патни правци. Продолжуваме да ја градиме Република Македонија и да ги поврзуваме граѓаните со квалитетни, сигурни и безбедни патишта“ соопшти премиерот Заев во своето обраќање и додаде дека добрата и безбедна патна инфраструктура е главен предуслов за привлекување домашни и странски инвестиции и за локален економски развој.

„Автопатот Кичево-Охрид во должина од околу 60 км продолжува да се гради. Надминати се проблемите, се потпиша нов анекс на договорот со кој се заштедија 90 милиони евра и градежните работи продолжуваат до конечна реализација. Го поврзуваме Охрид како наша стратешка туристичка дестинација со Кичево и остатокот од Македонија. Ова е важно бидејќи ќе се обезбедат услови за унапредување на туризмот, за зголемување на трговската размена во овој регион којашто ќе придонесе и за рамномерен економски развој. Минатата година ја достигнавме бројката од 1 милион туристи. Овој автопат, и останатите кои ги поврзуваат нашите туристички центри се нашата инвестиција за уште поголем број туристи и економски раст“, рече премиерот Заев и надополни дека придобивки ќе почувствуваат 225 илјади жители и 13 општини од југозападниот дел на Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање потсети дека 2019 е најавена како економска година и дополни дека изградбата и рехабилитацијата на патиштата во земјата е една од активностите потребни да се реализираат, за да се постигне економски раст. Тој потенцираше дека очекува по започнување на градежната сезона да нема ниту една слободна градежна машина во Република Македонија, а земјата да биде едно големо градилиште.

„Сите знаеме дека сите други економски сектори, освен градежништвото, во 2018 година бележеа значителен раст. Градежништвото е важен сегмент за економскиот раст и ние сме посветени да го раздвижиме овој сектор. Во овој момент, во Република Македонија се градат и рехабилитираат патишта како никогаш досега. Во 2018 година се завршени активности на 192 км во вредност од 30 милиони евра. Тоа не е доволно и токму поради тоа градежништвото во минатата година бележеше негативни стапки на раст. Би сакал да истакнам дека проектите за изградба на патишта кои ги започнавме како Влада се во вредност од 1 милијарда и 35 милиони евра и се во должина од 363 километри, а во 2019 година започнуваат со реализација проекти во вредност од 236 милиони евра и во должина од 421 километар. Сите овие проекти чија вкупна вредност надминува 1,27 милијарди евра, се технички подготвени, има обезбедено финансиски средства и подготвени се за имплементација. Доколку вкупните градежни активности изнесуваат од 55-60 милиони евра на месечно ниво, вклучително со активностите на приватниот сектор, ќе ги вратиме позитивните стапки на раст на градежништвото, а со тоа и повисоки стапки на економски раст“, потенцираше во своето обраќање вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески зборуваше подетално за плановите за изградба и рехабилитација на патишта во 2019 и во тој правец истакна дека ќе се вложат средства од над 1 милијарда и 200 милиони евра за изградба на патна инфраструктура во должина од над 700 км.

„Нашата цел е да нема отсечено населено место во земјава, да имаме добра и квалитетна инфраструктура каде економски бенефит ќе имаме сите ние граѓаните на Македонија. Но она што сакам јас да потенцирам е тоа што Програмата за 2019 година е уште пообемна. Околу четириесетина патни правци со вкупна вредност од преку 230 милиони евра и вкупна должина од 420 километри се подготвени за да се започнат со рехабилитација и реконструкција. Очекуваме со градежната сезона да ги ставиме во погон сите градежни компании и да се отпочне со рехабилитација на голем дел од нив.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов даде осврт на плановите и програмите што ги спроведува ова претпријатие и рече дека ЈПДП има спроведено тендерски постапки за рехабилитација на 39 патни правци кои веднаш во првиот квартал штом дозволат временските услови ќе отпочнат да се градат.

„Во 2019 се продолжува со изградбата на автопатиштата и експресните патишта со вкупна должина од 144 км и вкупна вредност од 770 милиони евра“, соопшти директорот Китанов и информираше дека преку Македонија пат се рехабилитираат уште 41 патен правец со вкупна должина од 93 км во износ од 9 милиони евра.
 


 

Во продолжение во целост Ви го пренесуваме обраќањето на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

„На денешната прес-конференција го најавуваме најголемиот инвестициски циклус во изградба на патна инфраструктура во 2019 година, но и да го презентираме сработеното во претходниот период.

Со почетокот на градежната сезона започнуваме со забрзана изградба и рехабилитација на најголем дел од патната мрежа во Република Македонија во вкупна вредност од 1 милијарда и 270 милиони евра.

Станува збор за големи инвестиции во изградбата на нови патишта како и реконструкција на постоечките во вкупна должина од преку 770 километри.

Оваа година започнуваме со реализација на нови проекти за изградба, рехабилитација и реконструкција на 43 патни правци, а засилено ќе продолжиме со изградба и реконструкција на веќе започнатите 27 патни правци.

Продолжуваме да ја градиме Република Македонија и да ги поврзуваме граѓаните со квалитетни, сигурни и безбедни патишта.

Изградбата на инфраструктурата е важна за обезбедување на економски раст и развој на државата и затоа како врвен приоритет ја најавуваме за оваа година.

Во 2019 година во сите региони ќе се гради со полн капацитет.

Инфраструктурата претставува крвотокот на економската активност и движење. Добрата и безбедна патна инфраструктура е еден од главните предуслови за привлекување на нови инвестиции и за локален економски развој.

Планирано е да се градат и реконструираат патишта и во источниот, западниот, северниот и јужниот дел на државата.

Ќе набројам само неколку важни стратешки патни релации на чија изградба засилено ќе работиме.

Автопатот Кичево-Охрид во должина од околу 60 км продолжува да се гради. Надминати се проблемите, се потпиша нов анекс на договорот со кој се заштедија 90 милиони евра и градежните работи продолжуваат до конечна реализација.

Го поврзуваме Охрид како наша стратешка туристичка дестинација со Кичево и остатокот од Македонија. Ова е важно бидејќи ќе се обезбедат услови за унапредување на туризмот, за зголемување на трговската размена во овој регион којашто ќе придонесе и за рамномерен економски развој.

Минатата година ја достигнавме бројката од 1 милион туристи. Овој автопат, и останатите кои ги поврзуваат нашите туристички центри се нашата инвестиција за уште поголем број туристи и економски раст.

Брзото и релаксирано движење на модерните туристички номади, ќе донесе широк спектар на придобивки за 225 илјади жители и 13 општини на југозападниот плански регион.

Подеднакво ќе се развива патна инфраструктура и во источниот дел на Република Македонија.

Завршена е изградбата на автопатот Миладиновци - Штип во должина од 47 км кој набргу ќе биде пуштен во употреба. Граѓаните и компаниите од Штип се поврзуваат со нашиот главен град Скопје и за помалку од 40 минути ќе патуваат на оваа релација.

Покрај тоа што ја поврзуваме Република Македонија внатрешно, ја поврзуваме и со соседните земји, а преку тоа и со Европа и светот.

Скорешното членство во НАТО и сосема изгледното членство во ЕУ значи зголемување на геостратешката позиција на Република Македонија и поголема безбедноста и стабилноста на земјата со што се создава подобра основа за економски раст и развој.

Тоа значи поголем кредитниот рејтинг на земјата, а модерната патна инфраструктура услов за зголемување на домашните и странските инвестиции.

Со тоа економијата ќе биде подготвена за конкуренцијата во големиот европски пазар, кој претставува најголем трговски партнер на Република Македонија.

Модерните и функционални патни коридори до тие пазари и до нашите трговски партнери, е од огромно значење.

Убедени сме во тоа, затоа што искуствата на земјите кои станале членки на НАТО и ЕУ се охрабрувачки и оттаму со право инвестираме во патната инфраструктура за остварување на економските перспективи на Република Македонија

Во 2019 започнуваме со изградба и на нов автопат Скопје - Блаце со кој Република Македонија добива конекција со нашиот сосед Косово. Патувањето од Скопје до Приштина ќе се скрати од 2 часа на 45 минути. Трговската размена со Косово достигна вредност од половина милијарда евра, а новото автопатно решение ќе биде од огромен придонес за зголемување на економската соработка и за намалување на транспортните трошоци и времето на транспорт за компаниите.

Продолжува изградбата на експресниот пат Ранковце - Длабочица - Крива Паланка во вкупна должина од 23 км, кој е многу важен за наше инфраструктурно поврзување со Република Бугарија. Граѓаните добиваат безбеден и брз пат со кој значително ќе се скрати времето на пристигнување до соседната земја.

Ова се само неколку од проектите на кои се работи. Подетално за плановите и степенот на реализација ќе оставам да информираат вицепремиерот, министерот и директорот.
За нас, многу е важно да ги исполниме очекувањата на граѓаните, да можат безбедно да патуваат и да пристигнуваат на саканите дестинации. А секако и да го поттикнеме економскиот развој со тоа што ќе им овозможиме на компаниите квалитетна патна инфраструктура за брз и поевтин транспорт на нивните стоки, услуги и производи.
Продолжуваме да ја градиме Република Македонија со цел да и дадеме ново лице на државата налик на нормалните европски развиени земји“.