Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска беше во работна посета на Валандово каде што се сретна со градоначалникот Перо Костадинов, како и со градоначалниците на околните општини Гевгелија, Дојран и Богданци. На средбата беше разговарано за економската состојба во општина Валандово и во регионот, и можностите што ќе се отворат со членството во НАТО за нејзиното подобрување.
Шекеринска рече дека за неколку денови Македонија ќе се придружи на масата на сојузниците од Алијансата како рамноправен партнер и дека тоа ќе ја зголеми видливоста на земјава на светската инвеститорска мапа. Очекуваме членството во Алијансата економски да ги заживее општините и да го ублажи проблемот со иселувањето на младите, рече министерката. Таа истакна дека Валандово и целиот регион како земјоделско подрачје ќе добијат поголеми можности за извоз на природна храна, што ќе ги отвори перспективите за иновации во производството на храна и задржување на населението од натамошна економска миграција.
Министерката Шекеринска одржа состанок и со бизнис секторот на кој ги пренесе искуствата на земјите кои последни му се придружија на НАТО, акцентирајќи го забрзаниот развој поради зголемената сигурност во домашните и во странските инвестиции. Бизнис заедницата од валандовскиот крај ги изнесе состојбите и предизвиците со кои се соочува и поздравувајќи го разрешениот спор со Грција порача дека сега откако е отстранета пречката за НАТО и ЕУ очекуваат од Владата да се сврти кон домашните теми и целосно да се посвети на економската политика со цел заживување на приватниот сектор.
Во рамки на престојот во Валандово, Шекеринска ја посети и локалната противпожарна единица каде со нејзините припадници разговараше за техничката и кадровска опременост во гасењето пожари.