Поставен камен-темелник на новата катна гаража кај „Работнички дом“
Почна изградбата на катната гаража „Работнички дом“ во центарот на Скопје, која е петта од седумте предвидени во централното градско подрачје со Програмата на Владата. Камен-темелникот го постави премиерот Никола Груевски.
Објектот е вреден осум милиони евра, со вкупна површина од 23.000 метри квадратни, од кои 20.000 метри квадратни паркинг простор за 516 возила распространет на девет надземни и еден подземен кат и деловен простор од 3.000 метри квадратни на пет нивоа. Треба да биде готов за две години.
Инвеститор на катната гаража „Работнички дом“ е АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Република Македонија, проектант Иванов инженеринг, а изведувач е ДГ „Бетон“ АД Скопје.
- Вчера почнаа активностите за прославата на 20-годишнината од независноста и Македонија го доби и пушти во употреба најмодерниот аеродром на Балканот, а низ нашиот главен град почнаа да сообраќаат стотина најсовремени автобуси. Денеска со поставувањето на камен-темелникот на новата катна гаража кај Работнички дом ги продолжуваме празнувањата, рече премиерот Груевски во поздравниот говор.
Тој посочи дека годишнината од незаависноста на Република Македонија е одличен повод да се продолжи со нови проекти кои, како што нагласи, ќе ја воведат земјата во нова епоха на изградба, инвестиции и целокупен развој.
- Би сакал да го поздравам отпочнувањето на градбата на петтата по ред катна гаража која е дел од големиот проект за изградба на седум катни гаражи во Скопје. Проектот е во реализација на Владата, Градот Скопје, Општина Центар и АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Република Македонија, рече претседателот на Владата и додаде дека веќе се градат катните гаражи кој полициската станица „Беко“, кај поранешниот цветен пазар, во близина на новата зграда на Кривичниот суд и кај админситративната зграда на АД Пошта.
За месец и половина до два, најави премиерот Груевски, ќе почне и изградбата на двете преостанати гаражи во централното подрачје на Скопје со што ќе се реши горливиот проблем на паркирање во центарот на Градот.
- Се надевем дека и приватниот сектор ќе ја следи иницијативната на Владата и оти ќе почне да гради катни гаражи, истакна премиерот Груевски.