Националниот координатор Борче Петревски и замениците-национални координатори од Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостоловски и Џеладин Ајвази, денеска остварија работна средба со амбасадорот на САД, г-дин Џес Бејли.
На средбата од страна на Националниот координатор и замениците национални координатори, амбасадорот Бејли беше информиран за реализираните активности на Националниот комитет за 2018 година во превенцијата и спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот, тековните активности кои се реализираат со поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија, како и приоритетните планирани активности за 2019 година, согласно Акциските планови.
Исто така, амбасадорот беше информиран за начинот и модалитетите на соработка и координација помеѓу Канцеларијата на Националниот координатор и институциите коишто партиципираат во работата на Националниот комитет, како и со Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија.
Во делот на превенција од насилен екстремизам, амбасадорот беше информиран за тековните проекти од различни области во реализацијата на стратешките цели на Националниот комитет, а посебен акцент беше ставен на (ре)активирањето на локалните совети за превенција и функционирање на Акциските тимови во заедницата. Воедно, истакнат беше забележителниот напредок околу вклученоста на повеќе општествени чинители, подигнување на јавната свест за безбедносните феномени и зајакнување на институционалните и капацитетите на локално ниво, особено во делот на идентификување и рано препознавање на знаците на радикализација и предизвиците кои претстојат во наредниот период.
Амбасадорот Бејли беше информиран и за активностите коишто планира да ги преземе Националниот комитет во насока на унапредување на пост-пеналниот третман на лицата - странски борци.
Истовремено, беше нагласена потребата од продлабочување на соработката на регионално и меѓународно ниво при справувањето со овие безбедносни феномени.
На средбата од страна на амбасадорот Бејли беа поздравени напорите на Националниот Комитет и Владата на Република Македонија во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот и се реафирмираа заложбите за понатамошна поддршка и партнерство.