Економска презентација на Македонија во Коња – посетеноста масовна

Македонската владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски, доцна попладнево пристигна во турскиот град Коња, каде се одржа бизнис форум на кој владините претставници ги претставија компаративните предности кои Македонија ги нуди за отворање и развивање бизнис и конкурентниот инвестициски пакет кој земјата го нуди за потенцијалните инвеститори.

Иако беше најавено првично присуство на 50, од страна на турската бизнис заедница беше покажан огромен интерес и на бизнис форумот во два милионскиот град во централна Турција присуствуваа околу 400 претставници на стопански субјекти од овој регион.

Претседателот на Владата Груевски во своето обраќање пред бизнис заедницата на Коња истакна дека најдобар пример за тоа какви поволности нуди нашата земја за странските инвеститори е “гласот на задоволните турски бизнисмени и инвеститори кои се веќе присутни во Македонија.” Тој ги претстави олеснувањата кои Македонија ги нуди на потенцијалните инвеститори, задржувајќи се на презентација на макроекономските индикатори, економскиот раст и ниската задолженост, нискиот даночен пакет и добрата и едуцирана работна сила. Премиерот истакна дека нашата “надворешната трговија се карактеризира со исклучително висок степен на либерализација, кој е близок до оној во индустриските пазарни економии”, што претставува дополнителен аргумент за добрите бизнис можности. Најдобра оценка на македонските економски политики е тоа што според Светската банка, “Македонија е највисоко рангирана во однос на било која економија од Централна, Источна и Југоисточна Европа” потенцираше Груевски.

Првичните оценки на владините претставници се дека досегашната посета е многу успешна и нуди реален оптимизам за продлабочување на процесот на потенцијалните турски инвеститори за отворање бизнис во Македонија.

Поради обилните врнежи на снег во Турција, делегацијата својата економска турнеја за привлекување инвестиции утре ќе ја продолжи директно во Анкара, каде што освен предвидениот бизнис форум со стопанственици од Анкара, претседателот на Владата на Република Македонија Груевски ќе оствари средба со својот турски колега и пријател г-дин Реџеп Таир Ердоган.