Владина делегација на средба со делегација на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје: Членството во НАТО придонесува за мирот, стабилноста и економскиот развој, ќе го забрза и процесот за членство во ЕУ

Пред денешниот настан на подигнување на знамето на НАТО, на која присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во земјата, воени аташеа, пратеници, претставници на верските и политичките заедници и претставници на граѓански организации и на која говореше премиерот Заев, и претходеше билатерална средба на делегација на Владата со делегација на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје, предводена од шефот на Канцеларијата Зоран Јанковиќ.

Премиерот Заев истакна дека самостојната и суверена одлука за членството во НАТО е историско постигнување за државата и остварување на желбата и аспирацијата на сите граѓани на нашата татковина, која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија.

„Тоа е придонес кон мирот и стабилноста на целиот регион, а за државата создава позитивни услови за економски развој“, истакна премиерот Заев кој упати благодарност до НАТО Алијансата за континуираната поддршка, честите посети и охрабрувања.

Истовремено, премиерот Заев изрази подготвеност како земја членка, нашата држава рамноправно да придонесува во обврските кои доаѓаат со членството.

Шефот на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје, Јанковиќ изрази задоволство заради зачленувањето на нашата земја во НАТО, додавајќи дека тоа е значајно и за Алијансата, да има уште една земја-членка која ги споделува нејзините вредности, уверувањата и стратешки цели.

Соговорниците се согласија дека земјава, која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија во изминатиот период покажа дека е посветена и спремна да стане земја членка на НАТО и дека е посветена на реформи во одбраната и во политичкиот систем.

Заеднички беше заклучено и дека влегувањето во НАТО ќе има позитивни ефекти и за забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија.