Пред Владата на Република Македонија, која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија, денеска се одржа свечена церемонија на подигнување на знамето на НАТО, на која се обрати премиерот Зоран Заев.
Поздравувајќи ги присутните претставници на Владата, Собранието, Армијата, верските заедници, претставниците на дипломатскиот кор и воени аташеа, како и гости од граѓанските, политичките, државните институции, медиуми и заинтересирани граѓани, премиерот Заев подвлече дека денес, со сигурност кажуваме дека нашата татковина успеа, дека е на вистинскиот пат кон прогресот и кон непречен развој.
Во продолжение Ви го пренесуваме говорот на премиерот Заев интегрално:
„Успеавме. Од споредниот балкански колосек, на кој чекавме со децении, се вративме на главниот автопат кон Европа. Можеме сите да бидеме горди што го живееме новото време, ера на изградба на демократско општество на рамноправни граѓани кои стремат да ги освојат европските вредности. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во историски најзначајниот период од осамостојувањето на државата, во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина, но и за брзината со која ќе стасаме на целта.
Почитувани граѓани: иднината повеќе не ни е судбина. Ние ја презедовме судбината во свои раце и ја одредивме иднината. Со тоа ја прифаќаме и одговорноста да ја оствариме историската цел. Овие денови ја почнуваме следната, комплексна етапа во изградба на нашата држава, според европските стандарди. Никој веќе нема да не блокира од надвор. Со одлуките на нашиот Парламент и на Парламентот на Република Грција, и со поканата од членките на НАТО алијансата, ние веќе учествуваме во работењето на најмоќниот сојуз на светот. И можеме да бидеме спокојни и целосно сигурни дека со завршување на ратификациите во сите парламенти на нашите сојузници, нашата земја, која наскоро ќе го носи географски прецизното име Северна Македонија, и официјално станува 30-та полноправна членка на НАТО, со право на глас. Со тој чин стануваме безбедна земја. Стануваме свои на своето.
По тој повод, денеска, овде го креваме знамето на НАТО кое заедно со европското и со нашето ја одредува нашата и иднината на нашите поколенија. Тоа не е само симболика. Тоа е реалност. Тоа е нова страница во нашата историја.
За овој голем успех ви честитам Вам, на сите граѓани, од секој крај на нашата Република. Вашата заслуга е најголема затоа што храбро исчекоривте и ја побаравте иднината што нашиот народ ја заслужува. Огромното мнозинство граѓани беше непоколебливо ЗА членство во НАТО алијансата. Вие почитувани граѓани, од првиот ден на независноста ја препознавте улогата на НАТО како најголем гарант за надминување на опасноста за дестабилизација и распад на државата. Таа опасност е веќе минато, благодарение на вашата силна поддршка. Ние веќе сме на заедничка маса со нашите 29 сојузници во НАТО.
Дозволете ми во оваа прилика да оддадам почит и посебна благодарност за големиот придонес што го дадоа загинатите војници и миротворци во мировните мисии на НАТО во кои учествуваше нашата земја. Изразувам голема благодарност на претседателот на државата Борис Трајковски кој заедно со своите соработници ги загубија животите во авионска несреќа, токму за време на нивната служба и мисија да ја направат нашата земја да биде почитувана, интегрирана и безбедна. Претседателот Трајковски и неговите соработници, не смееме да заборавиме, завршија една од најзначајните работи во тешки и конфликтни времиња кога со својата работа и храброст решително ја приближуваа Република Македонија кон НАТО алијансата и ги отворија ширум вратите на соработка.
Во друга мировна мисија, во хеликоптерска несреќа, во близина на Скопје загинаа 11 војници на Армијата, исто така миротворци кои се враќаа од мисијата „Алтеа“. И нивните животи се во темелите на овие историски моменти.
Му должиме голема благодарност и на првиот претседател и врховен командант на Армијата Киро Глигоров кој уште пред независноста на нашата земја, со својата цврста заложба за мир се определи за евроатланските интеграции како најзначајна опција за иднината на земјата и за нејзините граѓани. Договорот за мирно заминување на Југословенската армија и тактичноста на претседателот Глигоров е голема инспирација и македонски пример за разрешување конфликтни ситуации и одбегнување опасност од војна. Голем беше влогот и на претседателот Црвенковски, за што оддавам признание.
Изразувам голема благодарност и почит кон Обединетите Нации и медијаторот Метју Нимиц кој со својата висока професионалност и со голема упорност го водеше преговарачкиот процес и кога немаше никакви изгледи за прифатливо решение.
Почитувани граѓани, ценети гости,
должиме голема благодарност до највисокиот законодавен дом, до Собранието на Републиката и до пратениците, посебно од овој состав, и до сите пратеници од сите состави кои ги донесоа сите потребни одлуки и кои овозможија да се приближиме до НАТО и до ЕУ. Голема благодарност искажувам до владите и до сите институции на системот и на голем број јавни личности, експерти, граѓански организации, бизниси, медиуми и новинари кои во изминатите децении предано работеа за остварување на оваа најзначајна стратегиска определба на нашата земја, која наскоро ќе се вика Северна Македонија.
Голема благодарност до нашата Армија, војниците и старешините кои веќе 25 години се успешни учесници, и со високи оценки, во мисиите на НАТО.
Во оваа прилика, уште еднаш сакам да искажам посебна благодарност и честитки на пратениците од грчкиот парламент кои не подлегнаа на притисоците и ја донесоа храбрата и историска одлука, како пратениците од нашиот Парламент, со која меѓу двата соседа се воспоставува доверба, трајно пријателство и плодна соработка.
Голема и суштинска работа завршија и министрите за надворешни работи на двете земји, Никос Коѕијас и Никола Димитров и нивните соработници, кои со многу такт и преданост дадоа огромен придонес за заеднички прифатливо решение без што не беше можно да се дојде до ваков резултат - Договорот од Преспа да биде прифатен во двата Парламента, за што им должиме јавно признание и благодарност.
Посебно му се заблагодарувам на премиерот на Република Грција, мојот пријател Алексис Ципрас на визионерството и храброста цврсто да се определиме да најдеме решение за еден, за многумина нерешлив проблем. Решение кое ќе биде пример и поттик за компромисни договори меѓу соседите на Балканот. Тоа ќе ги избрише лошите мемории за Балканот кои уште постојат во свеста на многу Европејци. Ова е голем историски чин за афирмација на овој дел на Балканот кој беше маргинализиран како длабока европска провинција.
Голема благодарност упатувам до Европската Унија, до Соединетите Американски Држави и до меѓународната заедница кои целиот овој изминат период даваа силна поддршка на преговарачкиот процес со цел да се дојде до взаемно прифатливо решение. Сигурен сум дека и во натамошните активности за внатрешна и надворешна интеграција на нашата земја, нашите сојузници ќе останат посветени на поддршката која ни ја пружаат.
Почитувани граѓани,
Вие знаете дека нашите аспирации за членство во НАТО не беа скриени и тајни. Напротив, беа општо познати и многу јасно искажани од првиот ден на независноста, а многу брзо и со директно учество во мировните акции на НАТО и со комплетна реформа, модернизација и обука на Армијата според стандарди усогласени со НАТО алијансата. Ние со својата мирољубива политика ќе докажеме дека членството во НАТО е најдоброто решение за стабилноста на земјата и за стабилноста на целиот регион. Сакаме да останеме пријатели не само со нашите соседи членки на НАТО и на ЕУ, туку со сите земји со кои сме имале добри односи и кога станува збор за наши соседи и за големите сили. Северна Македонија нема да има друг избор освен добри политички, културни и економски односи. Балканот нема друг избор освен соработка и развој. Градењето пријателства останува наш врвен приоритет во надворешната политика, која секогаш произлегува од стабилноста и добрите односи во самата земја.
И во оваа прилика сакам да истакнам, без оглед што станува збор за историски значаен настан, газиме цврсто на земја, нема место за еуфорија. Нѐ чека повеќегодишна сериозна работа во спроведување на реформите. За да бидеме успешни и да ги забрзаме историските процеси треба во наредните години, дали ќе бидат шест, осум или десет зависи од нас самите, со истата истрајност како за Договорот од Преспа сите да се посветиме целосно на остварување на членството во Европската Унија. Тоа подразбира и да ги до средиме односите во нашиот дом, во нашето семејство, во нашата татковина.
Во тек се, и уште повеќе ќе се интензивираат системски промени во однос на тоа како функционираме и како институции и како општество.
Нашиот правен систем мора да дели правда еднакво на секого, без оглед на етничкото потекло, финансискиот статус, или политичката припадност. Нулта толеранција за Корупцијата. Во институциите нема место за оние кои со своето работење ја изневеруваат довербата, за лични интереси и привилегии. Корумпираните ќе се соочат со одговорноста.
Поткупот, личните интереси и привилегиите нема да бидат начин на кој се води бизнисот во нашата земја. Секој мора да ги следи правилата, без оглед колку е голема нивната банкарска сметка, без оглед кои им се пријатели. Сите се еднакви и тие што се од партии и тие што немаат ништо со партии. Сите со еднакви права и сите со еднакви обврски.
Ефектите на овие реформи ќе бидат видливи веднаш. Луѓето гласаа за нив, а уште поважно - ги заслужуваат!
Сега, кога ги остваруваме националните стратешки интереси, можеме да го свртиме погледот кон иднината што сите ја посакуваме за нашите деца. Ќе продолжиме со нашите напори да станеме член на Европската Унија, што ни дава пристап не само во светското трговско партнерство, туку ги отвора и вратите за нашите деца, да имаат можности и да стекнат искуства што нашите родители не можеле ни да ги замислат, ниту да ги овозможат за нас.
Затоа, сите политичари и сите партии, мораме искрено и без лицемерие да ја ставиме како најважен национален и државен интерес определбата на мнозинството граѓани, на сите развојни општествени и економски планови, на сите парламентарни декларации и одлуки на стотици веќе донесени европски закони, уставни измени кои се во согласност со евроатланските интеграции да станеме членка и на Европската Унија. Друг подобар избор и друго подобро решение немаме. Да не се лажеме, никогаш не сме ни имале, ниту пак некој релевантен во земјата понудил поинакво решение. Никогаш не било поизгледно нашето членство во европското семејство како денес. Затоа станува неопходност оваа заедничка определба да има нешто свето и возвишено над сите нас, кое не смееме да дозволиме да биде попречувано поради нашите меѓусебни политички ривалства, натпревари и пресметки во битките за власт. Сите ние кои го живееме новиот македонски и граѓански сон, сите ние имаме еден пат, и тој ни е заеднички - се вика ПАТОТ СЛОБОДАРСКИ, ПАТОТ ЕВРОПСКИ - по тој пат одат и нашите соседи, нашите пријатели од регионот - тоа е патот на соработката, на солидарноста, на почитта кон различното, патот на слободата - патот на европските вредности.
Мојот предлог за помирување беше и се уште е во таа насока. Да ја вратиме довербата со тоа што ќе ставиме мораториум на кавгите кои ги попречуваат, или оддалечуваат нашите најголеми државни интереси и стратегиски цели за кои сите тврдиме дека се неспорни. Можеме и треба да се натпреваруваме и критикуваме за нашите идеи кои треба да водат кон истата цел. Но, не смееме да дозволиме битките за власт да ги попречуваат и одлагаат нашите цели. Во наредната деценија ќе се соочуваме со многу предизвици при што ќе мора да покажеме мудрост и такт, знаење и упорност. Со почетокот на преговорите, со отворањето и затворањето на бриселските поглавја со тешки домашни задачи, ќе има работа и за владата и за пратениците и за претседателот на државата, за многу наши експерти кои ќе преговараат со ЕУ, но и за секој граѓанин поединечно. Тука не очекувам попустливост од Европа и не негувам надежи дека за некои работи Брисел ќе ни гледа низ прсти. Напротив, мислам дека ќе се соочиме со силен мониторинг, некогаш и со барање влакно во јајцето, но знам дека со нашата подготвеност и решителност ќе успееме да ги завршиме сите обврски и задачи кои сме ги преземале, не поради Брисел, туку поради нас самите. Исполнувањата на задачите од европските поглавја кои ја имаа тежината на директиви мора успешно да се завршат од што најголема корист ќе имаат граѓаните на Република Северна Македонија.
Почитувани граѓани,
Со нашата работа, со нашата соработка со соседите од регионот, и нашата соработка со ЕУ, ја менуваме сликата кај западно-европските граѓани која веќе со децении ја имаат за нашата земја и за Балканот. Таа претстава за нас, да бидеме искрени, не беше добра. Балканот, во свеста на обичниот Европеец беше нешто многу далечно и замрсено, како некоја оградена дупка без вредности, и недоволно достојна да биде дел од клубот. Сите ние знаеме дека реалноста не е таква, но нашите културни вредности и посебности не можат да стасаат до пошироката европска јавност ако тоа не се одработи како треба. Ние имаме што да и дадеме на Европа и веќе сме дале значаен придонес кон европската мултикултура, кон економската соработка, науката, уметноста и спортот. Но отсега натаму, тоа мораме да го правиме многу поосмислено и поорганизирано, здружено, да не ги оставаме нашите вредности, признати научници и уметници, деловни луѓе сами без поддршка на државата да го одат тој тежок и мачен пат кон успехот на меѓународен план. Мораме да ја ослободиме Европа од стравот од Балканот, да докажеме дека тој страв е беспричински. Треба да ја потсетиме Европа на нашето прво сојузништво уште пред 78 години кога заедно ја почнавме антифашистичката војна. Таа победа над фашизмот ја донесе првата македонска држава, Федерална Република Македонија, во 1944 година со одлука на АСНОМ. Без таа голема победа за која нашиот народ даде илјадници жртви денеска не ќе беше можно да имаме независна држава. Не ќе беше можна ни Федерална, ни Народна, ни Социјалистичка, ни Северна Македонија.
Затоа со полно право можеме да кажеме дека не и е само Европа потребна на идната Северна Македонија, туку и Северна Македонија и е потребна на Европа. Целиот Балкан и треба на Европа. Тоа ќе го постигнеме така што, прифаќајќи ги европските стандарди и вредности ќе ја менуваме и нашата свест и нашите сознанија за припадноста кон Европа, но и спознанијата на западот за нас. Членството во ЕУ не е нашата крајна цел, туку европеизацијата на нашата земја, што е многу подолг процес од остварувањето на членството. Идните генерации ќе ги зачуваат и нашите посебности и нашето македонско културно наследство и сите македонски идентитетски одлики, како и сите одлики на припадниците на другите народи кои живеат тука. Но истовремено, идните генерации ќе бидат Европејци без комплекси и инфериорност. Ние не веруваме во приказните за распаѓање на Европската Унија. Напротив, веруваме во фактите дека Европа е потребна на светот и дека Европа е лидер на светската глобална солидарност. И ќе дејствуваме со сите наши капацитети за да ја одржиме Европа силна. Ние ја гледаме без алтернативи својата иднината во здружените европски држави. Тоа е и нашата иднина и на целиот европски континент. Ние припаѓаме таму и географски и историски и политички и културно и по сите други критериуми. Тоа ќе го верификуваме со нашето членство во НАТО и во догледна иднина во ЕУ, исполнувајќи ги сите реформски зафати и кај нас и тие што ќе уследат во европското семејство. Други планови немаме.
Почитувани граѓани,
народе мој, драги Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други... Сите!
Ве повикувам сите, без оглед на национална, верска, партиска и идеолошка припадност, ве повикувам на заедништво и соработка, да ја оствариме историската цел, да бидеме рамноправни граѓани на Европа. Пред нас е голема работа. Ќе ја завршиме заедно и успешно заради нас и нашите поколенија.
Да живее европска Република Северна Македонија!
Да живее Европа!
Да живее НАТО!
Да живеат граѓаните!
Ви благодарам.