Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска, се сретна со претставници на Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“, на која се разговараше за правилно искористување на природниот ресурс Попова Шапка и беа изнесени конкретни предлози за надминување на досегашни недоследности и иницирање на активности за негово одржливо и хумано управување.
На средбата, покрај претставниците на Иницијативата, спортски работници, поранешни и активни скијачи и ентузијасти, предводени од Хамди Сулемани, присуствуваа и министерот за економија Крешник Бектеши, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и Џемаил Јусуфи, управител на „Елем Турс“, компанија-ќерка на А.Д. „ЕЛЕМ“, која управува со туристичкиот центар Попова Шапка.
Премиерот Заев и неговите соработници, одговарајќи на конкретни барања на претставниците на Граѓанската иницијатива во врска со одземање на управувањето на „ЕЛЕМ“ со скијачкиот центар, како и стопирање на донесувањето на Урбанистичкиот план за викенд населбата на Попова Шапка и подготовка за концесионирање на скијачко-рекреативниот центар, информираше дека веќе е во тек изработка на физибилити студија, која ќе даде одговор на прашањата како правилно да се искористат скијачките капацитети без да се наруши природната убавина на овој дел од Република Северна Македонија.
„Подготвени сме да разговараме и да ги разгледаме можностите за применување на концептот на јавно-приватно партнерство. Остануваме отворени за соработка со вас, Граѓанските иницијативи за да бидеме интензивни во подобрување на преземените активности“, рече премиерот Заев на средбата, која обете страни ја оценија како конструктивна.