Следејќи ги трендовите на Европска Унија за дигитализација на секој аспект од царинското работење, Царинската управа денес ги промовираше курсевите за електронско учење преведени и прилагодени на македонски јазик.
Програмата за електронско учење предвидува можност за унапредување на обуките на Царинската управа, различно од класичното учење, како и можност за значително зголемен број на слушатели на обуките. Нивната достапност и флексибилност, овозможуваат полесно разбирање на царинското законодавство и се дел од заложбите на Царинска управа за блиска соработка, како со економските оператори, така и со сите засегнати од царинските постапки.
За следење на овие електронските курсеви, потребен е само пристап до интернет и на едноставен начин преку веб страната на Царинската управа, секој заинтересиран може да се стекне со основно или напредно знаење за сите теми од царинското работење. Исто така, е-курсевите се од големо значење и за подобрување на институционалниот капацитет на Царинската управа, бидејќи сега секој царински службеник, преку трите модули на курсевите, може на лесен начин и во секое време прогресивно да напредува и да достигне експертско познавање за царинските процедури.
На настанот, поддржан од Делегацијата на Европската унија, поздравно обраќање имаа Ѓоко Танасоски-директор на Царинската управа, Фрек Јанмат - раководител на Оддел за оперативни работи и советник при Делегација на ЕУ и Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија.
Директорот Танасоски стави акцент на тоа дека пренесувањето на информациите е предуслов за униформна примена на царинското законодавство, а е-учењето е одговор на сè поголемата потреба за обуки. Компететноста и конкуретноста на царинските службеници се важни и треба постојано и систематски да се развиваат. Со посветеноста да се користи платформата за е-учење, можат полесно да се применат стратешките цели на Царината, како и на увозниците и извозниците.
Г-дин Јанмат ја потенцираше потребата за поблиска соработка помеѓу царинските администрации и деловната заедница и користењето на информатички и комуникациски технологии при зајакнување на знаењето. Истакна и дека модулите за електронско учење, со содржаните информации допринесуваат за подобрување на експертското знаење.
Г-дин Виктор Стојкоски ја поздрави иницијатива на Царинската управа за изучување на царинската регулатива, со избор на еден од поефективните начини за едукација - курсеви за електронско учење, кои се широко достапни и секој може да учи со сопствено темпо и во време кога е најслободен.
Курсевите, нивната содржина и предностите од нивното користење беа претставени и преку видео презентација. Истите се достапни на следниот линк.