Состанок на премиерот Заев и владиното тело за ИКТ при Владата со претставници од ЕУ, амбасадата на САД и УСАИД: Цврсто сме определени за примена на европските стандарди во дигиталната област преку реализација на Националната стратегија за ИКТ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од претставници на Националниот совет за информациско комуникациски технологии денеска се сретна со делегација на ЕУ предводена од Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, со претставници на амбасадата на САД и претставници на УСАИД во нашата држава.

Премиерот Заев изрази цврста определеност на Владата кон подготовка и реализација на Национална стратегија за информациско комуникациски технологии, како дел од активностите на нашата држава во дигиталната сфера, што е меѓу клучните области во коишто ЕУ очекува напредок од Република Северна Македонија.

- Има силна волја кај Владата за примена на европските стандарди во дигиталната област. Определени сме брзо, ефикасно и квалитетно да ги реализираме обврските од дигиталната агенда што се бараат од Република Северна Македонија, бидејки на тој начин нашата држава ќе се придружи на модерниот свет на функционирање. Формирањето дата центри, со бази на податоци, што е меѓу целите на ИКТ стратегијата, е од значење, како за полесно функционирање на институциите и граѓаните, така и за инвеститорите кои доаѓаат во нашата држава и бараат определени податоци врз основа на коишто сакаат да ги донесат одлуките за инвестирање. Од тие причини пристапуваме сериозно кон прашањето околу дигитализацијата, ќе направиме тимови кои ќе ја понесат одговорноста на реализацијата на дефинираните приоритети во Националната ИТК стратегија и лично со внимание ќе го следам процесот, рече премиерот Заев.

На состанокот се разговараше за приоритетите во Националната ИКТ стратегија, што треба да ги обедини сите постоечки документи и стратегии во дигиталната област, како и за начинот на нејзина реализација. Денеска, од членовите на Националниот совет за информациско комуникациски технологии при Владата на Република Северна Македонија беше разгледан советодавниот документот за Националната стратегија на ИКТ, што ги дава насоките, изготвен со поддршка од ЕУ. При тоа, заклучено е да продолжи активната соработка со ЕУ со цел успешна имплементација на европските стандарди во дигиталната сфера во нашата држава.