Патент.мк - нов проект на МОН за заштита и регистрирање на иновациите во Македонија

Министерството за образование и наука подготвува нов проект Патент.мк за стимулирање на заштитата и регистрацијата на изуми и иновации од македонски научници. Во тек е изработка на портал кој МОН ќе го промовира во јуни.

- Во следниот период ќе има серија активности кои ќе придонесат за заштитата и регистрацијата на патентите. Тоа ќе биде и стимулација на иновациите во македонскиот научно-истражувачки сектор. Во подготовка е и портал каде што сите научници и истражувачи во Македонија ќе може да ги регистрираат и објавуваат своите патенти. Целта е да ја зголемиме транспарентноста и да ја запознаеме македонската јавност со научната дејност во нашата земја, рече министерот Панче Кралев на прес-конференција.

Тој соопшти дека во координација со Државниот завод за интелектуална сопственост ќе се работи на подобрување на легислативата за заштита на иновациите и патентите и нејзино усогласување со европските стандарди. За стимулирање на иновациите, МОН ќе соработува и со стопанските комори во Македонија.