Промовирани новите автобуси на ЈСП „Скопје“


Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ денеска ги промовираше новите 68 двокатни автобуси од кинеско производство од кои еден панорамски, како и 39-те украински нископодни автобуси. Со тоа ЈСП „Скопје“ има 140 автобуси со што е заменет 50 отсто од возниот парк.

Автобусите од Кина и од Украина се набавени со средства од Владата на Република Македонија.

- Со денешното претставување на автобусите на ЈСП „Скопје“ практично почнува прославата на 20-годишнината од независноста на Република Македонија, која ќе продолжи со отворањето на реновираниот аеродром „Александар Велики“, рече премиерот Никола Груевски на промоцијата на автобусите.


Тој посочи дека двокатните автобуси за кои, како што кажа, имаше големи полемики дали се безбедни или не, се веќе реалност и ќе бидат главна туристичка атракција на Скопје.

- Пред нас е новото лице на градскиот сообраќај во Скопје, пред нас се новите автобуси од кои 39 нископодни, 67 двокатни и еден панорамски двокатен автобус. Со веќе пристигнатите тоа се вкупно 149 автобуси или една половина од возниот парк на ЈСП. Во наредните две години ќе пристигнат и останатите автобуси со што целосно ќе биде обновен возниот парк на ЈСП „Скопје“, рече премиерот Груевски.

Тој најави дека до крајот на годинава за потребите на ЈСП ќе пристигнат уште 16 мини-бусови од кинеско производство, а на почетокот на наредната година и 15 двокатни панорамски автобуси.

Скопје, како што истакна, до пред само една година имаше најстар возен парк од сите градски метрополи, но тоа и останува на историјата.
Скопје ќе се претстави во ново руво во духот на 60-тите години од минатиот век со ретроавтобуси, но изработени по најсовремена технологија.

- Граѓаните ги заслужија новите автобуси и штета е што во изминатите 20 години никој не им го овозможи тоа, истакна премиерот Груевски.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески рече дека транспортот е еден од најважните сектори, но е и поле кое мора секогаш да се унапредува.

- Цврсто решени да помогнеме во унапредувањето на сообраќајот во градот Скопје решивме да ги набавиме новите автобуси за ЈСП „Скопје“. Во возниот парк на ЈСП „Скопје“ покрај новите 68 двокатни и 39 нископодни автобуси, веќе сообраќаат 41 нископоден и еден двокатен нов автобус, рече министерот Јанакиески, и додаде дека од денеска сообраќајот за сите граѓани на Скопје ќе биде уште поудобен.

Автобусите, посочи, се изработени по сите актуелни светски водечки технологии и имаат надворешни и внатрешни информатори, клима-уреди, рамки за инвалидизирани лица, како и еколошки мотори кои ќе значат помало загадување и помала потрошувачка на гориво.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски рече дека со набавката на новите автобуси на ЈСП почнува да се исполнува неговото ветување дадено во 2009 година дека граѓаните на Скопје ќе го користат јавниот превоз не зашто мораат, туку зашто ќе сакаат.

- Со реализацијата на проектот за набавка на автобуси за ЈСП „Скопје“ со средства од Владата ќе се затвори еден од двата најгорливи проблеми на Градот Скопје - јавниот градски сообраќај, рече Трајановски, и додаде дека останува да се реши уште јавната чистота.