На свечената церемонијална вечера, во присуство на дел од највисоките гости на годинешната Минхенска конференција за безбедност, на претседателите на Владите на Република Северна Македонија и на Република Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, синоќа им беше врачена наградата „Евалд Фон Клајст“ што овој угледен форум ја доделува како признание за особен придонес за мирот и стабилност во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса.
Наградата на двајцата премиери Заев и Ципрас, во име на организаторот на конференцијата им ја врачи министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија Хаико Маас, кој во своето обраќање по тој повод истакна дека актуелните претседатели на владите на Северна Македонија и на Грција успеаја да го направат тоа што не им успеа на сите нивни претходници во изминатите 30-тина години и дека наградата „Евалд Фон Клајст“ не може да има подостојни добитници од Заев и Ципрас, кои докажаа дека се врвни европски лидери кои се обединија за да најдат решение и да им дадат на нивните земји големи перспективи.
Во својата реч на благодарност за наградата претседателот на Владата на РСМ Заев истакна дека него и неговиот пријател Ципрас ги обединија надежта, дијалогот и заедништвото, и дека со решението на спорот меѓу двете земји Европа и Балканот денес стануваат едно - Балканот како ново место на надеж, како место за дијалог и заедништво, како место за стабилност и соработка, и додаде дека заедно со грчкиот колега и пријател наградата им ја посветуваат на сите млади од Балканот и дека тоа што тие што го прават денеска е основа за она што младите луѓе, идните генерации, ќе го создаваат утре.
Премиерот Ципрас, пак, во својот говор нагласи дека, освен договорот меѓу двете земји и признанијата за нив, огромна награда е темелот за пријателство што го поставија двајцата премиери како основа за заедничката иднина на народите на двете земји како сојузници и земји членки на НАТО и на Европската Унија.
Домаќинот на Минхенската конференција за безбедност, поранешниот дипломат и амбасадор на СР Германија, ги пренесе честитките за наградата од Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кои го нагласуваат историскиот карактер на Договорот од Преспа, и кои очекуваат наскоро знамето на Република Северна Македонија да се издигне на јарболот во седиштето на НАТО во Брисел и да го најави забрзаниот процес за членство на земјата во ЕУ.
Домаќинот на свечената церемонија на доделување на наградата „Евалд Фон Клајст“ на Минхенската конференција за безбедност, премиерот на Баварија, др. Флоријан Херман, во своето обраќање потенцираше дека премиерите Заев и Ципрас се лицата на новите европски лидери кои го најавуваат времето за нови идеи и партнерства во решавањето на најсложените прашања со кои се соочува светот.