Министерството за локална самоуправа со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка денеска организираше консултативен форум за утврдување на развојните приоритети во Полошкиот плански регион.
Во спроведувањето на политиката на рамномерен регионален развој се вклучени голем број на субјекти на централно и на локално ниво, скоро сите министерства и општините, неопходна е координација меѓу централната и локалните власти, но и консултација со граѓаните и со бизнис секторот, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
- На крајот од овој консултативен процес ќе биде финансиран проектот кој што ќе го одберат самите граѓани. Приоритетниот проект во Полошкиот плански регион ќе биде финансиран во врдност од 111 илјади швајцарски франци. Граѓаните треба да учествуваат, да покажат активен однос во процесите на донесување на одлуки и да ја контролираат власта. Секогаш вреди да се биде активен и ангажиран граѓанин, затоа што само на тој начин можат да се направат суштински промени, рече министерот Фазлиу.
Министерот за локална самоуправа истакна дека рамномерниот развој на државата е императив во спроведувањето на развојната политика, затоа што има големи развојни разлики меѓу планските региони, а уште повеќе во рамките на една општина, меѓу урбаните и руралните населени места.
-Влада направи максимален напор веднаш на почетокот на мандатот да ги менува работите. За оваа година за рамномерен регионален развој се издвоени 7 милиони евра буџетски средства, што е за 100 насто повеќе во однос на 2017 година, рече Фазлиу.
Консултативни форуми се организираат во сите осум плански региони. Во секој плански регион финансиски ќе биде подржана реализација на по еден проект кој што во процесот на консултација ќе го изберат граѓаните, за што се обезбедени вкупно 850 илјади швајцарски франци. Приоритетниот проект во најразвиениот, Скопскиот плански регион ќе биде финансиран со 60 илјади, а во најмалку развиениот, во Североисточниот плански регион, со 145 илјади швајцарски франци.