Попоски во Вашингтон ќе побара Македонија да го добие заслуженото членство во НАТО

 

Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, очекува поддршка од сите земји членки на Алијансата и смета оти се истрошени сите аргументи  за блокирање на нејзиниот напредок на овој пат.

Тоа е пораката што шефот на дипломатијата Никола Попоски ќе ја пренесе на средбите што ќе ги има утре и задутре во Вашингтон, каде што ќе учествува на Молитвениот појадок што го приредува претседателот на САД Барак Обама. 

- Со САД имаме секогаш многу отворен и конструктивен дијалог. Сметам дека денес е недвосмислен фактот оти сите сакаат да ја видат Македонија час поскоро во НАТО. Од тој аспект пораката која сакаме да ја упатиме во претстојниот период е дека Македонија навистина ги има исполнето сите критериуми кои се неопходни за членство и мислиме дека од тој аспект кредибилитетот на процесот на евроатлантска интеграција треба да се задржи со тоа што ќе ни се даде можност да седнеме на заедничката маса. Очекуваме поддршка од сите земји членки, вклучително и од нашиот јужен сосед. Мислиме дека аргументите навистина се истрошени за блокирање на напредокот на Република Македонија на овој пат, изјави Попоски по денешниот министерски состанок на ПСЈИЕ во Белград.

Тој оцени дека белграската средба на ПСЈИЕ овозможила продуктивна дебата, со оглед дека е надминат периодот кога беше успех воопшто на една маса да се најдат претставниците на сите земји од регионот и да дебатираат за регионалната перспектива.

- Фактот што сите процеси на соработка во регинот се поврзани со интеграцијата во ЕУ мислам дека е силен фактор за мотивација за реформи во сите земји. Хрватска која се приклучува кон европското семејство дава дополнителна мотивација за сите земји кандидати и потенцијални кандидати да го следат истиот пат. Заедничка констатација беше дека фактот што Европа се соочува со сериозни предизвици на внатрешен план треба да биде аргумент за дополнителна интеграција за земјите од регионот. Од аспект на Македонија дефинитивно го заслужуваме тоа. Шест години сме земја кандидат, трета година добиваме препорака и би бил логичен заклучок, по толкав процес, толку реформи и предизвици со кои се имаме соочено да го започнеме процесот на преговори. За тоа очекуваме поддршка од сите земји од регионот, особено од оние кои се веќе внатре во семејството на ЕУ, истакна Попоски.

Македонскиот министер за надворешни работи на маргините од состанокот на ПСЈИЕ ќе има билатерални средби со неговите колеги од Турција и Хрватска, Ахмет Давутоглу и Весна Пусиќ, како и со домаќинот српскиот министер за надворешни работи Јеремиќ.

На средбата во Белград од 12 земји членки, шест присуствуваат на ниво на министри за надворешни работи. На состанокот се присутни и претставник на данското претседателство со Унијата, на ОБСЕ и на Регионалниот совет за соработка.

Србија ќе го заврши претседавањето со ПСЈИЕ во јуни со самитот на шефови на држави влади во Белград, по што едногодишното претседавање со процесот го презема Македонија.