Средба на премиерот Заев со експертот од ЕУ, Прибе: Поддршка за интеграциите и порака дека е потребна одговорност од сите во државата за да се обезбеди функционална правна држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со експертот од ЕУ, Рајнхард Прибе, придружуван од амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар.

На средбата е изразена поддршка на политичкиот процес којшто заврши со Договорот од Преспа и ги отвори интеграциските процеси на Република Северна Македонија. Посебно е нагласена важноста од имплементација на реформите во правосудството и донесените закони, бидејќи, како што е констатирано, еден од важните аспекти, којшто покажува дали функционира една демократска држава, е независен, транспарентен и ефикасен правосуден систем. Заклучено е дека е потребна одговорност од сите во државата за да се обезбеди функционална правна држава.

Премиерот Заев соопшти дека постои свесност кај Владата и силна определба да се овозможат сите потребни услови за обезбедување правда и правичност за сите граѓани.

- Резултатите во економијата, по отворените интеграции во НАТО, стануваат видливи. Но, се согласуваме дека на земјата и требаат практични резултати во правосудството. Тоа значи имплементација на изгласаните закони и спроведување на потребните реформи што ќе им овозможат на правосудните органи да работат целосно независно, мотивирано, во достоинствени услови за работа. Потребно е сите во државата да го сфатат својот дел од одговорноста во овој процес. ЕУ очекува Република Северна Македонија да покаже резултати во функционирањето на правосудниот систем. Тоа е важно за датумот за преговори со ЕУ што го очекуваме во јуни. Но тие се важни и за граѓаните кои сакаат и заслужуваат да живеат во земја каде што функционираат правдата и правната држава и ќе направиме `се што e потребно за да ја осигуриме правната држава, рече премиерот Заев.

На средбата е заклучено дека е потребно успешно спроведување на претстојните претседателски избори за државата да може да го задржи фокусот на потребните реформи важни за евроинтеграцискиот процес.