Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам одржаа работен состанок со делегација на ЕУ

Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам денеска (25.02.2019 година) беше домаќин на висока делегација од ЕУ, предводена од г-дин Јоаким Херман, одговорен за политики за борба против тероризам и дерадикализација.

На работниот состанок посветен, меѓу другото и на споделување на информации од страна на засебните институции кои партиципираат во работата на Националниот комитет, активно учествуваа и членовите и замениците членови на Националниот комитет од Основното јавно обвинителство, Управата за извршување на санкции, Министерството за одбрана, Министерството за образование и наука, Агенцијата за млади и спорт и Управата за финансиско разузнавање.

Целта на состанокот беше отворање на дискусија по однос на Заедничкиот акциски план за борба против тероризам на Западен Балкан чијшто потписник е и Република Северна Македонија, како и споделување на информации во однос на потребите, приоритетите и предизвиците со кои се соочува Националниот комитет при имплементацијата на Стратешките и Акциските планови во делот на спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот.

Говорејќи за целокупната работа на Националниот комитет и постигнатите резултати од неговото формирање па до сега, Националниот координатор за СНЕ/БТ, Борче Петревски и Замениците национални координатори Златко Апостоловски и Џеладин Ајвази ја информираа делегацијата на ЕУ за реализираните активности и проекти во текот на 2018 година, а кои се поврзани со планот за имплементација на приоритетните активности од Заедничкиот акциски план за борба против тероризам на Западен Балкан.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ од негова страна изрази отворено признание и поддршка за работата, придонесот и значајната улога која ја има Националниот комитет во координирањето на дваесет и две институции кои преку својите активности работат на спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот и даде уверување дека поддршката ќе продолжи и во иднина.

Националниот координатор за СНЕ/БТ, Борче Петревски и се заблагодари на Делегацијата за континуираната поддршка која ЕУ и ја дава на нашата земја во зајакнувањето на работата на Националниот комитет и даде уверување дека Република Северна Македонија ќе продолжи да работи на зајакнување како на националните капацитети за спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот, така и на капацитетите за поинтензивна регионална и мултилатерална соработка во заедничкото спротивставување кон овие безбедносни предизвици.