Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Натали Лоазо, министерка за европски прашања при Министерството за Европа и за надворешни работи на Француската република, по што беше потпишана Спогодба помеѓу владите на двете држави којашто се однесува на средните училишта со франкофонски двојазични паралелки и имаше изјави за јавност.
На настаните е заеднички поздравено потпишувањето на првиот меѓународен документ помеѓу Република Северна Македонија и Француската република, по потпишувањето на Договорот од Преспа. Исто така оценето е дека Спогодбата, со којашто се зголемува фондот на часови по француски јазик во средните училишта и воведувањето франкофонски двојазични паралелки е чекор во насока на унапредувањето на соработката помеѓу двете држави, за што постои интерес од двете страни.
Француската министерка за европски прашања Лоазо во изјавата изрази огромно задоволство што е во Скопје, на како што рече историскиот момент на потпишувањето на првиот меѓународен договор со Република Северна Македонија. Таа ги поддржа храброста и визијата во постигнувањето на Договорот од Преспа и отворениот процес на влегувањето во НАТО.
„Франција сака да ја поддржи Република Северна Македонија на нејзиниот пат“, рече француската министерка за европски прашања Лоазо, посочувајќи ги тука реформите, стабилноста и европската перспектива.
„Нема сомнеж за Франција дека иднината на Северна Македонија е во Европската унија“ додаде министерката Лоазо, која дополни дека треба да се изоди дел од патот, а тука ги посочи реформите значајни за европските перспективи.
Министерката Лоазо оцени дека договорот за Спогодбата е доказ за посветеноста на Република Северна Македонија кон франкофонијата.
И премиерот Заев во изјавата посочи дека денешниот настанот во Скопје е значаен доказ за пријателството помеѓу Република Северна Македонија и Француската република.
„Спогодбата што ја потпишавме во областа на образованието, е силна политичка порака дека Република Северна Македонија, во Француската република гледа голем пријател и партнер во реформите и напорите за напредокот на нашата држава, како на домашен така и на меѓународен план“ рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата посебно се заблагодари за поддршката од францускиот претседател Макрон и на Владата на Француската република во реформите и зајакнувањето на билатералната соработка.
„Со почит ја вреднуваме инспиративната поддршка на претседателот Макрон во заокружувањето на клучниот политички процес за реализација на Договорот од Преспа, што ги отвори НАТО интеграциите на Република Северна Македонија. Со НАТО перспективите веќе се зголеми бројот на заинтересирани странски инвеститори во Република Северна Македонија, а тоа ќе придонесе за забрзување на економскиот развој на нашата земја.
Нашите стратешки цели се НАТО и ЕУ и во таа насока работиме и ќе продолжиме да работиме за да овозможиме нивна реализација. Во таа смисла ги гледаме и напорите на француската Влада за поинтензивна билатерална соработка за зајакнување на нашите институции, достапноста на француската билатерална финансиска помош за Северна Македонија што ќе треба да се реализира во блиска иднина, како и отворањето на нашиот пазар за сериозни француски компании“ посочи премиерот Заев.
Тој го посочи потпишувањето на спогодбата во областа на образованието со Француската република како еден од чекорите во наведената насока.
„Еден од тие чекори е и оспособувањето на младите луѓе во нашата земја со квалитетот на наставата и со познавањето европски јазици. Да бидат на професионалното ниво со своите врсници во Европа. Францускиот јазик е еден од јазиците што активно се употребува во ЕУ и нашите напори ги насочуваме кон создавањето услови, младите луѓе да ја почувствуваат Европа во својата земја и да бидат конкурентни на европскиот пазар“, додаде премиерот Заев.
Министерот за образование Арбер Адеми во изјавата објасни дека Договорот предвидува поддршка за основање на франкофонски двојазични паралелки во средните училишта во коишто 25 проценти од содржините по најмалку два предмета ќе се изучува на француски јазик и наставниот предмет француски јазик ќе се изучува најмалку 5 часа во неделата.
„Во моментов има 7 училишта со ваков тип на настава, односно паралелки, но отворена е опцијата понатаму да се вклучат и други училишта каде што постои интерес и желба за изучување на францускиот јазик и за отворање двојазични франкофонски паралелки, објасни министерот Адеми.
Тој рече дека процесот ќе биде поддржан од двете страни, преку прецизно дефинирани обврски, изготвување нов наставен план и наставни програми, обезбедување обуки за наставниците, соодветна опрема, а учениците ќе се стекнат со диплома на којашто ќе биде наведено дека образованието е завршено преку двојазична франкофонска настава.
Министерот Адеми го оцени договорот како исклучително важен за младите за познавањето и едукацијата на еден од најчесто користените јазици на светската мапа на јазици.
„Верувам дека ќе има интерес од страна на младите, бидејќи висока е свеста кај нив за овој факт, а тоа се гледа и по честиот индивидуален избор - предметот француски јазик, изјави министерот Адеми.
Пред потпишувањето на Спогодбата се одржа средба на ниво на делегации од Република Северна Македонија и Француската република. Премиерот Заев на состанокот рече дека верува, дека нашата држава со Договорот од Преспа, со реформите што ги спроведува, во правосудниот систем, во безбедносните служби, во борбата против корупцијата, во јавната администрација, вклучително и со зголемувањето на бројот на заинтересираните странски инвеститори за инвестирање во земјава и со спогодбите како денеска потпишаната со француската Влада „покажува дека и овде живее духот на Европа и дека можеме да дадеме придонес во заедничкото европско семејство“.
На средбата е истакнато како многу важна имплементацијата на донесените реформски закони, посебно во делот на обезбедувањето правна држава и на одбраната.
Заеднички е нагласена определбата за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и на Француската република и поголемо присуство на француските претпријатија во нашата земја како и размената на искуства во области значајни за граѓаните.
При тоа беше посочено дека земјите од Западен Балкан се дел од Европа и дека се што е добро за Балканот е добро и за Европа.
Се разговараше и за важноста на претстојните европски избори и за реформирањето на една силна, зајакната, интегрирана Европа.
Договорено е да се обрне внимание и на потребата на зајакната соработка во борбата против тероризмот.