Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска се сретна со делегација од меѓународната организација на трудот, предводена од Хајнц Колер, помошник генерален директор во организацијата и регионален директор за Европа и Азија.
На средбата се поздравени позитивните политички промени во нашата држава по постигнатиот Договор од Преспа, што резултира и со резултати во економско социјалната сфера. Констатирано е дека резултатите на социјален и економски план ќе бидат и добар аргумент за пристапните преговори со ЕУ и поглавјето 19, кое што се однесува на социјалната политика и вработувањето.
Премиерот Заев соопшти дека Владата е посветена на ефикасен социјално-економски дијалог во државата, со сите страни и дека решенијата на политичките прашања отворија можност за зголемување на странските инвестиции, покачувања на платите, покачување на просечната плата, зголемување на БДП-то што се позитивни социо-економски трендови.
- Република Северна Македонија стана надежна земја во регионот. НАТО интеграцијата е почната. Очекуваме, во јуни, отворање на преговорите со ЕУ. Тоа за нашата држава значи стабилност и безбедност, но значи и подобрување на начинот на живот на граѓаните. Посветени сме на програми за зголемување на животниот стандард, што сега, поради позитивната клима во државата, има услови да се реализираат. Нашата цел е мотивирани работници и мотивирани граѓани. Очекуваме да ја постигнеме целта што си ја поставивме, а ја ветивме и на граѓаните, развој на државата на социјален и на економски план, рече премиерот Заев.
На средбата се разгледани можностите за помош и употреба на искуства од Меѓународната организација на трудот во делот на стекнувања вештини и подобрување на вештините за работа на работниците, на национално и на локално ниво. Исто така, разговарано е и за значењето на Конференцијата што ја организира Меѓународната организација на трудот во јуни во Женева, за иднината на работата, на којашто се очекува присуство на претставници на висок политичко ниво од земјите од ЕУ.