Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, вчеравечер го прими лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.
На крајот од средбата премиерот Заев за претставниците на медиумите ја даде следната изјава:
Дозволете да споделам задоволство дека дијалогот продолжува. Досега имавме дијалог за многу реформски закони, така да сум убеден дека ќе продолжиме и понатаму во интерес на Република Северна Македонија и во интерес на сите нејзини граѓани.
Темите за кои што разговаравме сублимирано беа две: Организацијата на претседателските избори и реформските закони процеси во пресрет на шансата за отворање на поглавјата за преговори со ЕУ.
Разговаравме за оние елементи кои се важни да обезбедиме фер, демократски и кристално чисти избори. СДСМ поддржува кандидат, заедно со 30 други политички партии и ние сме фаворити, и за нас и за кандидатот Стево Пендаровски, како фаворит, е особено важно изборите да бидат кристално чисти. Од државен аспект, но и од партиски аспект. Разговаравме за теми коишто се важни за опозицијата. Ние не бевме пред 100 години опозиција, туку до пред 21 месец и знаеме колку е важно опозицијата да добие фер околности, за фер натпревар.
Во тој дел разговаравме за сето она што го предвидува законот, односно дека од 11 март, дваесет дена пред почетокот на кампањата, завршуваат сите промотивни активности, јавни настани, јавно пуштање во употреба на реализирани проекти и слично. Разговаравме и за сите мониторинг мисии, ОБСЕ, ОДИХР, ЕУ... Отворивме иницијатива на места и позиции, на кои ќе укаже опозицијата, да имаме засилен мониторинг, со што одиме на една сигурна варијанта за фер избори во државата и за власта и за опозицијата.
Верувам дека во предизборието, и во делот на кампањата, Република Северна Македонија, сите политички чинители, секој што е одговорен во својот дел, ќе придонесат да имаме блескави, кристално чисти избори, заради тоа што не сакаме да дадеме ниту еден аргумент, на нашите пријатели, на земјите членки на ЕУ, да препознаат слабост, бидејќи јуни е толку очекуваниот, договорен термин, како земја кандидат од 2005 година, конечно да ги отвориме поглавјата.
Она што исто така го договоривме е во текот на изборната кампања, на оперативно ниво штабовите да имаат комуникација, заради тоа што секогаш можат да се јават нови моменти. Сето тоа ќе придонесе, како најважна цел на државата, изборите да бидат кристално чисти.
После тоа, секако, и да победиме. Фаворити сме со Стево Пендаровски. Тоа е најголемата гаранција. Сите фаворити сакаат да имаме чисти и фер избори за да има полн легитимитет изборот кој потоа ќе биде претседател на сите граѓани, дури и на тие што гласале за противничкиот кандидат.
На делот на реформските закони потрошивме поголем дел од времето, со сите сублимати околу тие прашања. Разговаравме за законите за разузнавачките служби. Таму имавме добар дијалог, за кој верувам дека ќе продолжи. Во овие реформи се вклучени и НАТО експерти, тоа го знаат од опозицијата. За новата Агенција за безбедност, која што треба да се формира, треба да гласаме заедно со опозицицијата.
Сите други реформски закони треба да бидат поддржани и драго ми е што опозицијата прифати со работни групи од утре да преминеме и на разговори за Законот за Јавно обвинителство. Секако тиа имаат свои ставови, а нашите ставови се јасни. На ова Специјално обвинителство и на капацитетот што е создаден во СЈО, да му се даде шанса да продолжи, на чело со Катица Јанева и со целиот тим, вклучувајќи ги и истражителите и сите други во тимот кои создадоа едно трајно добро во РСМ, во јавнообвинителскиот систем на Република Северна Македонија, за и да биде репер на тоа ниво да ги подигаме квалитетите на останатите јавни обвинителства.
Очекувам низ разговорите во работните групи да се постигнат услови да се поддржи консензуално овој закон, тоа е обврска. Во 2016 година СЈО го изгласавме сите, редот е иднината на јавното обвинителство во РСМ преку ваков закон, на којшто работеа многу експерти да ја добие иднината за да го јакне системот на правосудството како еден многу значаен дел од реформите. Тоа е услов којшто ќе ни се одмерува во ЕУ.
Се договоривме дека не треба да робуваме на рокови, но отприлика ги знаеме, и знаеме кога завршуваат тие рокови. Прво, зашто парламентот за време на кампањата ќе престане да работи, а после тоа е доцна. Така да ние треба до крајот на месец март да изградиме заеднички ставови и да ги изгласаме сите реформски закони од Планот 18.
Ќе биде многу важна и самата имплементација. Она што е значајно е дека во самите закони има лимитирано до кога можат да се користат неовластено прислушкуваните материјали. Тоа дава за право и опозицијата да го земе ова како алатка. Законот му дава шанса на Јавното обвинителство да видиме како ќе се однесува и кон владеачката гарнитура. Тоа е сериозен мегдан и причина повеќе опозицијата да даде поддршка јавнообвинителскиот систем, вака формулиран, со новиот закон, да ја добие својата иднина.
Разговараме и за многу други работи за кои е неопходен дијалог. Го отворив прашањето на процесот на помирување. Го отворивме тоа прашање во парламентот со дел од пратениците од опозицијата. Верувам дека ќе можеме за тоа да разговараме, исто како и за неколку други важни проекти како што е Клиничкиот центар. Очекувам позитивни ставови и однос зашто сите очекуваме дека Република Северна Македонија, конечно во јуни да ги отвори поглавјата од преговорите со ЕУ. Тоа е аспирација на сите наши граѓани, на сите политички субјекти, и на власта и на опозицијата, и соодветно на тоа обврската е заедничка.