Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во одделни средби прими делегации на Светскиот еврејски конгрес, предводена од Заменик извршниот директор на Светскиот еврејски конгрес Роберт Сингер, како и на Американскиот еврејски комитет претставен од Раби Ендрју Бејкер, директор на комитетот и личен претставник на претседавачот на ОБСЕза борба против семитизмот, и амбасадорот Жорж Сантер во својство на претседавач на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот.
Претставниците на сите делегации престојуваат во нашата земја по повод Комеморативна свеченост по повод отворањето на постојаната музејска поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и по повод годишнината од депортацијата на Евреите од Скопје, Битола и Штип за време на Втората светска војна во логорот Треблинка.
Членовите на делегациите на Светскиот еврејски конгрес, на Американскиот еврејски комитет и на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот, изразија голема благодарност за сите активности и за институционалната поддршка што Република Северна Македонија ја прави за сеќавање на погромот над еврејската заедница за време на војната, како и за воспоставеното срдечно пријателство со Израел.
Премиерот Заев на средбата истакна дека е должност на нашата земја и на нејзините граѓани секогаш да ги има во сеќавање припадниците на еврејската заедница, а споменот на нивната жртва да биде порака злосторствата против човештвото никогаш да не се повторат.
На средбата со претставниците на еврејските заедници од светот беше речено дека новата постојана музејска поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе биде уште еден, значаен придонес и музеј со едукативна компонента за запознавање на историјата на Евреите на овие простори кои пред повеќе од 5 века, кога беа протерани од Шпанија, тука наидоа на народ кој ги прифати и со кои заеднички учествуваа и во создавањето на македонската држава.