Денеска на покана на министерот за надворешни работи Никола Димитров, во официјална посета на Република Северна Македонија престојуваше министерот за надворешни работи на Република Чешка, Томаш Петжичек.
Во фокусот на разговорите помеѓу двајцата Министри беше процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија и очекувањето за добивање одлука во јуни годинава за почеток на пристапните преговори со Унијата. Во таа смисла беше поздравен напредокот во делот на домашните реформи и потврдена континуираната поддршка на Република Чешка како еден од најгласните и најактивни поддржувачи на европскиот пат на нашата земја.
Од чешка страна беше поздравен направениот исчекор во однос на нашето членство во НАТО преку потпишувањето на Пристапниот протокол, со уверување дека процедурата за негова ратификација од страна на чешкиот Законодавен дом ќе биде завршена во текот на наредните месеци.
За време на разговорите, министрите Димитров и Петжичек ја нагласија важноста од постојано негување и збогатување на меѓусебното пријателство и соработка, како и одржување на активниот политички дијалог на високо и највисоко ниво. Во таа насока, а како дополнителен поттик за меѓусебната соработка и поредовни консултации за прашања од обостран интерес, двајцата министри потпишаа и Меморандум за соработка помеѓу Министерствата за надворешни работи.
Шефовите на двете дипломатии го потенцираа и значењето од натамошно интензивирање на размената на економски и трговски план, како и потребата од креирање на поволен бизнис амбиент и блиски релации помеѓу бизнис заедниците на двете земји.