Премиерот Заев и делегација на Владата на РСМ престојува во еднодневна работна посета во Брисел во институциите на ЕУ и во седиштето на НАТО

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска престојува во еднодневна работна посета на Европската Унија во Брисел, придружуван од заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, од заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
 
Премиерот Заев и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија ќе имаат одделни средби со потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка за надворешна политика и безбедносни прашања, Федерика Могерини и со комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан.
 
Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев за време на овој работен престој во Брисел ќе претседава со 15-тата сесија на Советот за стабилизација и асоцијација на која ќе се разгледува напредокот на нашата земја во процесот на интеграцијата во ЕУ.
 
Овие активности во Европската комисија во Брисел ќе завршат со заедничка прес-конференција на премиерот Заев и на потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка за надворешна политика и безбедносни прашања, Федерика Могерини и комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан.
 
За време на еднодневната работна посета на Брисел, претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев, заменичка на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи, ќе остварат средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Програмата на работната посета на владината делегација во Брисел завршува со заедничка прес-конференција на премиерот Заев и Генералниот секретар на НАТО Столтенберг.