Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата 127 редовна седница со повеќе точки на дневен ред од Програмата за работа на Владата и од интерес на граѓаните.
На денешната седница ќе биде разгледана Информација за реализација на Проектот „Младинска картичка„ на предлог на Агенцијата за млади и спорт, како и Информација во врска со отпочнување активности за спроведување на Стратегијата за развој на женското претприемништво во Република Северна Македонија 2019 - 2023, со Акциски план како предлог на Министерството за економија.
На оваа своја седница Владата на РСМ ќе се произнесе и по Информацијата за подготовка на ревидираната Методологија за следење на реализацијата на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015-2020.
Секретаријатот за европски прашања за оваа седница ја предложи Информацијата за подготовка на Петнаесеттиот состанок на Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, кој ќе се одржи на 11 април 2019, во Брисел.
На предлог на Министерството за труд и социјална политика денеска ќе биде разгледана Информацијата со Предлог за воспоставување на Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање (Center of Exellence on Gender Responsive Budgeting).
Министерството за финансии за денешната седница ја поднесе Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за Седумнаесетта емисија на обврзници за денационализација.
На денешната седница на Владата на РСМ ќе биде разгледан и Годишниот акциски план за спроведување на Национална стратегија за развој на интегрирано гранично уредување за 2019 година, како предлог на Националниот координативен центар за гранично управување.