Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со делегација од Секретаријатот за европски прашања, остварија работна средба со претставниците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предводени од Директорот, Зоран Трајчевски.
„Работата на медиумите и заштитата на слободата на јавното изразување претставуваат важни области каде сѐ уште ни е потребен напредок за да ги задоволиме европските стандарди и да создадеме капацитет за справување со современите предизвици на лажните вести, ширењето на горот на омраза итн.“ истакна Османи, посочувајќи на важноста и за развојот на демократските капацитети на државата, но и важноста за исполнување на европските критериуми во периодот пред новиот извештај на Европската Комисија.
„Имаме шанса во периодот што претстои да создадеме фер и компетитивна атмосфера во која ќе се одржат претстојните претседателски избори, и со тоа да покажеме демократска и општествена зрелост, која ќе биде нотирана во Извештајот на Европската Комисија, а од чија содржина, пак, ќе зависи и конфирмацијата на одлуката на земјите - членки на јунските самити, за почеток на преговори со ЕУ оваа година“ истакна Османи, посочувајќи на уверувањето кое го добил од членовите на АВМУ, како и од Директорот Трајчевски, за капацитетот, подготвеноста и одлучноста на Агенцијата да обезбедат фер и натпреварувачка атмосфера за време на кампањата.
Османи ја реафирмираше и подготвеноста на Владата за соработка во насока на обезбедување на сите предуслови и обврски поврзани како со работата на Агенцијата, така и воопшто врзани за областа на медиумите.
Средбата се реализираше во рамки на институционалните посети на Вицепремиерот Османи на институциите надлежни за спроведување на реформите кои беа предвидени во План 3-6-9 и План 18, како и имплементацијата на останатите обврски поврзани со европските интеграции на земјава.