Сарачини: Размената на искуства неопходна за создавање конкурентна економија
Имплементација на Дигиталната агенда и создавањето на единствен дигитален пазар се предуслови за создавање конкурентна европска економија базирана на мудар, одржлив и инклузивен развој, но и за создавање на општество базирано на знаења, преку развој и примена на ИКТ во сите сфери на животот.
Ова го порача министерот за економија Ваљон Сарачини во својата дискусија на Неформалниот совет за конкурентност што денеска се одржа во Копенхаген.
Состанокот го отвори министерот за бизнис и развој на актуелниот претседавач со ЕУ Данска, Оли Сон, а свое учество земаа и еврокомесарот за внатрешен пазар и услуги и еврокомесарот за Дигитална агенда.
Во рамки на Советот се одржаа и две работилници, првата за барањата, а втората за снабдувањето на Единствениот дигитален пазар, со цел да се поттикне дијалог меѓу земјите членки и земјите кандидати за влез во европското семејство и да придонесе за подигање на свеста за конкретните акции кои треба да бидат приоритет за креирање на функционален дигитален единствен пазар.
Министерот Сараќини во дискусијата се осврна и на исполнувањето на целите од стратегијата ЕУ 2020 и Дигиталната агенда, презентирајќи ги и реформските активности и проекти во насока на создавање на конкурентна економија.
- Европската унија претставува наш најголем трговски партнер и наш најзначаен инвеститор, а културните и природните врски не прават составен дел од овој пазар и регион. Оттука, Република Македонија стратешки се залага за исполнување на целите на ЕУ 2020 и Дигиталната агенда, за што е неопходно продолжување на дијалогот на сите нивоа, рече министерот Сарачини.
Нашите институции и компании како дел од европскиот и глобалниот пазар, посочи, се постојано вклучени во дигиталниот единствен пазар преку размена на информации, податоци, трговија и развој на заеднички проекти за развој на дигитални решенија.
Тој нагласи дека во Македонија веќе се донесени поважните закони и стратегии за регулирање и поддршка на развојот на електронските комуникации со информатички технологии, информатичкото општество, заштита на интелектуална сопственост, заштита на лични податоци, електронски потпис, Е-Инклузија, Е-Влада и други. Тие ги интегрираат најголем дел од директивите на ЕУ од оваа област.
Според министерот за економија, размената на искуства со земјите членки на ЕУ е неопходна за посветено вклучување на Македонија во сите иницијативи кои имаат за цел да се развие единствениот европски пазар и да се подигне нивото на иновативност, како и за прифаќање на најдобрите искуства и знаење во нашата економија и развојот на ИКТ секторот.
Годинава се одбележува 20-годишнина од почетокот на единствениот европски пазар, а во текот на Данското претседателство со ЕУ, за време на одржувањето на Неформалниот совет за конкурентност, се преговараше и за реформите на единство на пазарот, т.н. слободен пазар. Овој пазар покрај четирите слободи на - стоки, услуги, капитал и луѓе, воведе т.н. петта слобода – слободно небо, а сега се зборува за уште една шеста слобода – размена на знаење и иновации.
Во Стратегијата за единствен пазар 2020, слободниот пазар е дефиниран како социјален економски пазар, заснован на претпоставката дека е поддржан од сите пазарни играчи-бизнисот, потрошувачите и работниците, како единствен начин да и овозможи на ЕУ да стане колективно конкурентна.