Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, денеска потпишаа Меморандум за соработка за периодот 2019-2021 година.
Министерството за локална самоуправа и Мисијата на ОБСЕ ќе соработуваат во подобрувањето на системот на локалната самоуправа и процесот на децентрализација. Клучна активност е оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа и подготовка на Извештај со наоди и препораки, кој што ќе послужи за корекција на политиките и подобрување на системот.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу истакна дека Законот за локалната самоуправа е еден од најважните системски закони, кој што се донесува со двотретинско мнозинство и чија имплементација има директно влијание на функционалноста на локалната самоуправа.
- Законот за локалната самоуправа е првиот закон донесен после Рамковниот договор и Уставните амандмани. Многу е важно со анализа на нормативниот дел и директната примена од страна на општините и другите надлежни министерства да видиме дали има проблеми во имплементацијата и како можат да се надминат. Министерството за локална самоуправа инсистира на инклузивност на процесот и вклученост на надлежните министерства, на општините и на граѓанскиот сектор. Ќе продолжиме со реформите во областа на локалната самоуправа и со процесот на децентрализација а анализата ќе ни помогне во наредната година да иницираме трансфер на нови надлежности, рече министерот Фазлиу, кој што се заблагодари за поддршката од страна на Мисијата на ОБСЕ.
Министерот Фазлиу покажа подготвеност за соработка и во овој сегмент, особено и поради фактот што Владата со средства од Буџетот на државата ги сервисираше долговите на општините и има морално право, рече Фазлиу, да го помогне процесот на транспарентност, отчетност и спречување на корупцијата на локално ниво.