Третиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Косово е објавен и ќе трае до 20 мај, соопшти денеска на прес конференција министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
За овој јавен повик од ИПА Инструментот на Европската Унија на располагање се ставени 2 милиони и четириесет илјади евра за проекти за двете земји, а средствата за кофинансирање во висина од 15 насто, за проектите што се имплементираат во нашата земја, ќе ги обезбеди Министерството за локална самоуправа.
Проектите треба да имаат влијание на поттикнување на туризмот, културното и природното наследство, како и на зачувување на животната средина, промовирање на адаптација и ублажување на климатските промени, спречување и управување со ризици.
На јавниот повик можат да аплицираат општини, граѓански организации, училишта, универзитети, бизнис асоцијации и други непрофитни субјекти во соработка со партнери од соседната земја, во случајот од Република Косово.
- Ги охрабрувам сите заинтересирани да се пријавата и да не ја пропуштат можноста да направат нешто повеќе за себе, за општината, за прекуграничниот регион и за државата. Проектите за прекугранична соработка се оддлична можност да работиме заеднички на решавање на прашањата во регионот, да споделуваме информации, да се запознаваме подобро и да создаваме мрежи на соработка, која што може да се прошири во многу различни области. Наша цел е во вториот програмски период да оствариме степен на реализација од над 90 проценти на финансиските средства, ставени на располагање од Европската Унија, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Косово 2014-2020, започна со имплементација во јануари 2016 година и на располагање има вкупен буџет од 8,4 милиони евра за заеднички проекти.
До сега преку оваа програма се финансирани 9 проекти во вредност од 2,5 милиони евра за корисници на грантови од двете страни на границата. Проектите се во фаза на имлементација.
Сите потребни информации за јавниот повик се објавени на ВЕБ страницата на Министерството за локална самоуправа, на линкот на Програмата за прекугранична соработка МК-КС (http://cbc-ks-mk.com/opencalls).