„Ја поздравувам идејата за организирање на овој прв Балкански форум, како собир на креатори на политиките на балканските земји, со една единствена цел-да го направиме Балканот, наместо регион кој асоцира на предизвици, да биде место кое нуди позитивни можности, активна регионална соработка и пријателство меѓу соседите, економски раст кој ќе го чувствуваме сите, а со тоа и подобар животен стандард за сите наши граѓани. Ние имаме шанса да ја смениме иднината на овој регион - треба само да ја зграпчиме и да работиме на нашата заедничка агенда“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на дводневниот Балкански форум за инфраструктура, развојни мрежи и за промоција на претприемништво и иновации, кој се одржува во Солун, во организација на грчкото Министерство за Македонија и Тракија.
Осврнувајќи се на скорешната посета на грчката државна делегација, предводена од премиерот Ципрас, а придружена со претставници од бизнис секторот во Северна Македонија, министерот Бектеши ги спомена правците на соработка и заедничките проекти договорени на седницата на Високиот Совет за соработка помеѓу меѓу двете земји.
„Грција е рангирана на 2-то место со кого Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена со светот во 2018 година, а растот во вкупната трговија изнесува 15,8%, при што извозот е зголемен за 5,8%, а увозот за 19,1% во однос на 2017 година. Во суштина, од петте наши најголеми трговски партнери во минатата година, дури три држави се земји од регионот, и тоа: Грција, Бугарија и Србија. Сосема природно е што сакаме да соработуваме со земјите кои ни се соседи, со нашите пријатели од регионот. Слично поднебје и менталитет, слични консументски навики и вкусови, слични предизвици. А тоа е одлична основа да ја надградуваме соработката во сите економски сектори“, рече Бектеши.
Министерот за економија го претстави пред присутните на Планот за економски раст и Законот за поттикнување на инвестиции, со кои за првпат е овозможен еднаков третман за сите инвеститори - домашни и странски и ги покани компаниите од земјите присутни на Форумот да инвестираат во Северна Македонија и да го почувствуваат ефектот од донесените мерки. Тој се осврна на реформите во енергетскиот сектор, кои ќе овозможат повеќе инвестиции во обновливите извори на енергија, а согласно темата на панелот, Бектеши ги спомена мерките за поддршка на мали и средни компании, со акцент на поддршката која им се дава на компаниите за развој на нови иновативни производи, бидејќи како што истакна, развојот на иновативноста е иднината на економијата на Република Северна Македонија.
Форумот го отвори заменик министерката за Македонија и Тракија, Елефтерија Хаѕигеоргиу, а вицепремиерот на грчката Влада, Јанис Драгасакис се осврна на можностите и перспективите на балканската соработка. На панелот се обратија и заменик министерот за економија и развој на Република Грција, Астериос Питсиорлас и заменик министерот на Романија, Богдан Константин Андроник. Првата сесија закажана за денеска, е на тема „Состојби во транспортната, енергетската, индустриската и технолошката инфраструктура во Балканскиот регион“, а сесиите посветени на инструментите за финансирање и на бизнис и технолошко вмрежување, со цел мобилизирање и валоризирање на потенцијалот се закажани за вториот ден од Форумот.