„Џонсон контролс“ отвора нова фабрика во Штип, инвестиција од 20 милиони евра
„Џонсон контролс“ почнува со реализација на втората инвестиција во земјата од околу 20 милиони евра. Договорите треба да се потпишат за две до три недели, а изградбата на фабриката лоцирана во Технолошко индустриската зона кај Штип да почне со изградба на средината на наредниот месец.
Според премиерот Никола Груевски, кој денеска имаше средба со менаџерот на проектот во Македонија Стивен Мејлеманс, ова е потврда за добрите услови за бизнис со оглед на тоа што компанијата „Џонсон контролс“ одлучува да инвестира по вторпат во земјава. - Оваа инвестиција ќе биде сериозна контрибуција и придонес за македонската економија, истакна премиерот.
- Посебно е важно што оваа компанија, која е мултинационална, многу позната во светот, вторпат се одлучува да инвестира во Македонија. Меѓународните инвеститори, што набљудуваат и размислуваат за некоја инвестиција, веднаш ќе го забележат тоа. Кога некоја компанија вторпат одлучува да инвестира во истата земја тоа значи дека е задоволна од првата инвестиција, дека е задоволна од условите, од комуникацијата со властите, од сите останати параметри кои и се потребни да инвестираат и да има добар бизнис и добра бизнис средина. Оваа фабрика, освен што ќе отвори нови работни места, ќе придонесува значително и во македонскиот извоз и секако ќе значи на еден начин подобрување на состојбата на граѓаните во регионот каде ќе биде стационирана, изјави премиерот Груевски.
Тој додаде дека оваа одлука на „Џонсон контролс“, меѓу останатото, ја гледа и на некој начин како валоризација на напорите што ги прави Владата во последните години за подобрување на условите за правење бизнис во Македонија и привлекување инвеститори. Во 2007 и 2008 година, рече премиерот, почна еден сериозен инвестициски бран и многу компании или веќе почнаа да градат или резервираа простор за градење со потпишување меморандум за соработка.
- За жал, светската економска криза го стопираше тоа и повеќе од нив ги откажаа претходните резервации на плацеви за градба. Имавме 2,5 години застој во кој најголемиот дел од мултинационалните компании не градеа никаде, па ниту во Македонија. Сега со омекнувањето на светската економска криза доаѓа повторно нов бран на интерес за градење нови производствени капацитети, меѓу кои и во Македонија. Во последниот 1,5 месец по изборите ова е четврта по ред компанија, мултинационална која донесува одлука и објавува градба во Македонија, изјави премиерот Никола Груевски по средбата.
Тој посочи дека Владата ќе вложи напор да се завршат сите претходни активности за да се овозможи компанијата кон средината на октомври да ја почне изградбата на фабриката во Штип.
Мајлеманс рече дека Македонија е избрана за бизнис дестинација, бидејќи таа е конкурентна, а дека влијание имало и нивното позитивно постојно корпоративно искуство и пред се поради поддршката и професионалноста што ја добиле од институциите во текот на анализите.
Фабриката е наменета за тапацир за автомобилски седишта. Ќе отвори нови 1.400 работни места, а се очекува да почне со работа за една година. Ќе служи за нивните европски клиенти.