Министерот Бесими на Минхенската конференција за безбедносна политика
Министерот за одбрана, Фатмир Бесими, денеска учествуваше на 48. конференција за безбедносна политика која секоја година традиционално се одржува во Минхен. Централните теми на минхенската конференцијата оваа година беа светската финансиска криза и нејзините консеквенци по меѓународната безбедност, концептот „паметна одбрана“, ЕУ и иднината на НАТО, развојот на Блискиот Исток, сајбер-безбедноста и многу други.
Министерот за одбрана, во рамките на конференцијата имаше можност да оствари неколку билатерални средби со министерите за одбрана на Велика Британија, на Данска, и на Хрватска на кои се разговараше за сите аспекти на билатералната соработка во областа на одбраната, за начините за нејзино идно унапредување и за придонесот во мировните мисии.
- Министерот Бесими на билатералните средби го истакна значењето од добивањето полноправно членство во НАТО за Република Македонија и потребата да се искористи моментот и за оваа тема да се разговара на самитот во Чикаго. Притоа, министерот потенцираше дека евроатлантската интеграција е исклучително важна за целиот регион на Југоисточна Европа како и за НАТО, соопшти МО.
Министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата на билатералните средби ја потврдија нивната поддршка за членство на Република Македонија во НАТО и воедно изразија задоволство од беспрекорната соработка.
Како и секоја година, и оваа, на конференцијата присуствуваа клучни личности од целиот свет, меѓу кои и државниот секретар и секретарот за одбрана на САД, Хилари Клинтон и Леон Панета, претседателот на Светската Банка, Зелик, министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, премиерот на Република Албанија, претседателот на Република Косово, дипломати со меѓународна репутација како Хенри Кисинџер, добитничката на нобеловата награда за мир за 2011 година, Тавакул Карман, и многу други, односно личности кои во време на глобализација, ја разгледуваат безбедносната политика во светски рамки, со цел подеднакво да се покријат сите светски региони, нивните безбедносни проблеми и потенцијалните кризни жаришта.