Ќе се доделуваат грантови за креативни занаети
Министерството за економија во наредните 10 дена ќе објави јавен повик за доделување грантови во вредност до 5.000 евра за занаетчии за набавка на опрема, алати и репроматеријали, како и за стручно оспособување и организрање на просторот. Повикот ќе биде отворен до 1 ноември годинава.
За таа намена во буџетот на Министерството за економија се одвоени 1,2 милиони денари, а на повикот ќе може да се пријават занаетчии кои најмалку шест месеци се регистрирани во Занаетчиската комора на Македонија или во некоја од 14. регионални и општински комори.
- Мислиме дека за почеток овие средства се доволни, но доколку проектот се покаже како успешен може да направиме пренамена на средства, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека занаетчиството има огромен потенцијал, кој, нагласи, за жал не е доволно искористен.
- Убедени сме дека со поддршка на занаетчиството можат многу лесно да се отворат нови работни места, а со тоа да се создадат и нови иновативни производи кои би биле конкурентни не само на домашниот, туку и на странскиот пазар, рече Сарачини.
Истакна дека е изработена Национална стратегија за развој на занаетчиството во која се опфатени конкретни мерки, активности и програма за развој и поддршка, како и начини за упростување на процедурите и намалување на трошоците за занаетчиите, нивна обука и образование и вклучување во практичната настава, кофинансирање проекти и организирање обуки и форуми.
- Предвиден е и акциски план за електронска продажба на занаетчиските производи... За жал занетчиите сега за сега се поприсутни на домашниот пазар. Дел од производите ги продаваат и на странските туристи, но сакаме да одиме чекор понапред и да овозможиме електронска продажба на нивните производи со додавање на додадена вредност, со креирање нов бренд и со создвање иновативни производи за да бидат конкурентни на странскиот пазар, потенцира Сарачини.
Извршниот директор на Занаетчиската комора на Република Македонија Оливија Штерјова рече дека радува фактот што занетчиството се повеќе е присутно во владините политики за разлика од минатото.
- До неодмна занаетчиството беше маргинализиран сектор следен со стереотипи со имиџ на традиционално производство и неатрактивно занимање. Последните две години Владата има проактивен пристап кон занаетчиството и презема низа активности за негов развој, рече Штерјова.
Денеска, посочи, министерот за економија го промовира проектот „Автентична македонска ракотворба 2012“ кој го оценуваме како добар зашто дава директна финансиска помош за занаетчиите и има за цел да ги подобри конкурентноста и одржливоста на занетчиството, конкретно на домашното уметничко ракотворење.
- Европската практика покажува дека оваа група на занаети има потреба од стимулативна поддршка бидејќи е насочена кон софистицирана побарувачка на пазарот и изработува производи кои имаат високо уметничка културна вредност, рече Штерјова и додаде дека со стимулациите може да се дојде до изработка на атрактивни производи и за меѓународниот пазар.
Во регионалните и општинските комори во Македонија во моментов има околу 6.000 регистрирани занаетчии.