Граѓаните преку интернет ќе доставуваат годишни даночни пријави

Управата за јавни приходи денеска промовираше нова услуга со која физичките лица ќе може годинава да поднесат годишна даночна пријава по електронски пат. Услугата ќе биде достапна од 16-ти овој месец, а се промовира 10 дена пред стартот со цел да се запознаат граѓаните и да можат да се подготват за нејзино користење.

Услугата ја промовираа премиерот Никола Груевски, заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска и директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски.

Таа треба да придонесе кон намалување на административните трошоци, зголемување на доброволната наплата на даноците, како и поедноставување на даночните постапки за бизнисите.

- Управата за јавни приходи беше првата институција во 2006 година која воведе електронска услуга кон даночните обврзници. Тоа беше скромен почеток. Се однесуваше само на големите даночни обврзници. И тогаш беа само 130 компании. Во 2008 година искуството што го стекнавме го пренесовме на сите останати компании на средните и малите даночни обврзници. Во 2012 година го пренесуваме токму навреме кога граѓаните ги исполнуваат своите обврски за поднесување годишни даночни пријави за сите остварени приходи надвор од плата, рече директорот на УЈП Трајковски.

Според него, оваа услуга е придонес кон остварување на заложбата на Управата за една фер и еднаква постапка со максимална транспарентност и избегнување на сите можни канали на кава било корупција, непотизам.

Особено е важно  воведувањето ваква услуга, посочи Трајковски, ако се земе предвид бројката од 200.000 кои беа обврзници на персонален данок на доход.

Премиерот Никола Груевски потенцира дека токму оваа услуга ќе помогне да се надмине сликата на турканици пред шалтерите во последните денови од истекот на рокот за поднесување годишна даночна пријава.

- Досегашното искуство покажа дека најголемиот метеж во УЈП се прави во деновите пред истекот на рокот за поднесување на годишните даночни пријави и тогаш има и големо незадоволство на граѓаните за чекањето редици и најчесто виновник е УЈП и службениците што работат во неа. Со електронското поднесување на даночните пријави таа слика еднаш засекогаш ќе се измени, рече премиерот и додаде дека користењето на оваа услуга и намалувањето на бројот на физички средби на шалтерите и постоењето интегриран електронски позадински систем на Управата ќе имплицира значителни заштеди како за граѓаните, така и за Управата.

Тој потенцира дека тенденција на Владата е континуирано да работи на нови електронски услуги за граѓаните и компаниите се со цел што е можно повеќе да се упростат административните постапки и да им се олесни работата на граѓаните во исполнување на нивните права и обврски кон државните институции.

Потсетувајќи на проектите што се спроведени во изминатите неколку години, премиерот посочи дека и во иднина ќе следуваат и други проекти.

Со овој систем граѓаните ќе може да поднесуваат пријави од дома во кое било време. Пополнувањето ќе биде преку интеренет без дополнителни трошоци и без доаѓање во УЈП. Граѓаните ќе треба да се регистрираат преку etax.ujp.gov.mk и да обезбедат дигитален сертификат издаден од овластен издавач - КИБС и Македонски телеком и чини меѓу 830 и 950 денари, а може да се користи за сите електронски услуги.

Заменик-министерката за информатичка технологија и администрација Арсовска Томовска потенцира дека системот ја гарантира сигурноста, доверливоста и расположливоста на информациите, како и автентичноста на корисниците, а воедно нуди едноставно решение за користење од страна на крајните корисници.

Годинава се очекува во Управата за јавни приходи да бидат доставени околу 200.000 годишни даночни пријави од граѓаните. Во јануари, како што посочи директорот на УЈП, се доставени 8.000, а крајниот рок е 15 март.