Приходите во буџетот според планираното

Прибирањето на приходите во буџетот е согласно планираното. Според директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски, исполнета е дадената проекција и се задржува трендот на добра наплата од претходната година.

Одговарајќи на новинарско прашање по промоција на новата услуга на УЈП, Трајковски рече дека проектираните 3,8 милијарди денари приходи од ДДВ се исполнети во целост.

За повратот на ДДВ кон фирмите, рече дека државата е раздолжена кон сите македонски фирми кои тоа го побарале во текот на 2011 година. 

За најновите проценки за растот на македонската економија, премиерот Никола Груевски, посочи дека е прерано да се даде некоја конечна оценка за целата година.

- Зад нас имаме само еден месец од вкупно 12 месеци во годината и прерано е да се даде некоја конечна оценка. Треба да почекаме барем 2-3 месеци да поминат да се види трендот и да се следат состојбите во ЕУ дали во тој период ќе почанат некои знаци на подобрување или не бидејќи состојбите во ЕУ директно влијаат врз македонската економија, истакна Груевски.

Според него, давањето оценка на само еден месец од почетокот на годината е премногу рано и паушално и со висок ризик да се направи промашување. Ние, потенцира, се надеваме дека ќе биде барем приближна или еднаква на она што е предвидено.

Најави дека внимателно ќе се следат состојбите и согласно тоа ќе влечат чекори и мерки доколку има потреба за тоа.