Заменикот-министер за одбрана, Беким Максути, заедно со градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи и припадници на Армијата денеска засадија 80 садници зимзелени дрва во близина на хидроцентралата на реката Пена како дел од акцијата на Министерството и Армијата за засадување на 315 садници, а во рамки на агендата на Владата за борбата против аеро загадувањето.
Максути, кој активно учествуваше во засадувањето, рече дека реализацијата на оваа активност е уште еден показател за блиската цивилно воена соработка на Министерството за одбрана и Армијата со локалните власти.
„Ние оваа акција ја спроведуваме заедно со локалните власти, конкретно денеска сме во Тетово. Идејата за зелено Тетово се вклопува во агендата на Владата од декември 2018 година кога е започната акција за засадување на нови садници на целата територија на државава. Ние продолжуваме кон реализација на овие активности и секогаш сме подготвени со нашите припадници да им помагаме на локалните власти, заеднички и во иднина да ги чуваме нашите места и нашата природа“, рече заменик министерот Максути.
Градоначалничката Арифи се заблагодари на припадниците на Армијата и Министерството за реализација на оваа активност и за поддршката за почисто Тетово. Арифи упати порака до граѓаните на Тетово кои често одат на прошетки, да ја чуваат природата и животната средина.
Акцијата на засадување нови садници продолжува во Општина Кичево каде ќе бидат засадени 85 садници.