Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска одржаа работна средба со претставници на бизнис секторот од струмичкиот регион. По завршување на работната средба премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев дадоа кратки изјави за медиумите.
„Конечна цел на ваквите средби е да поттикнеме внимание од страна на деловната заедница да ги користат сите механизми и алатки што им стојат на располагање за да можат да отворат нови капацитети, да отворат нови работни места и да го зголемуваат БДП на земјата“, изјави премиерот Заев.
Премиерот дополни дека струмичкиот регион е извозно ориентиран и има големи потенцијали и предности со квалитетно развиен бизнис сектор и потенцираше дека целта е да информира бизнис заедницата и да се мотивира да влезе во нови деловни активности.
„Можностите коишто државата ги нуди се огромни, а со интеграцијата во НАТО и ЕУ тие можности се уште поголеми. Соседните земји со фондовите што ги отворија создаваат дополнителни можности за целата земја, а посебно за јужниот дел од државата заради грчките фондови, а источниот дел заради фондовите од Бугарија. Верувам дека сето тоа ќе биде добро граѓаните да го искористат“, рече премиерот Заев и додаде дека потребно е фирмите да аплицираат за мерките за поддршка и во целост да ги искористат определените средства во буџетот.
„Верувам дека овој регион кој покрива околу 150.000 жители вклучително радовишко-струмичкиот регион има огромна можност да даде придонес во севкупниот развој на државата“, изјави премиерот Заев.
Вицепремиерот Анѓушев рече дека оваа година Владата како никогаш досега има издвоено средства за поддршка на економијата, 47% повеќе од минатата година, или околу 70 милиони евра.
„Ги објаснивме мерките на Владата за поддршка на економијата, ги охрабривме стопанствениците да ги користат бидејќи тие се создадени за нив. Им ја пренесовме пораката дека Владата е пријател на стопанството и ќе создава и политички и економски амбиент за развој на економијата, тоа е нашата цел. После завршување на политичките процеси, најважно е тоа да се материјализира во раст на економијата и во подобар живот за сите граѓани во нашата држава. Во оваа можност би ја споделил информацијата дека нè охрабруваат добрите бројките, со вчерашните информации од статистика дека растот на индустриското производство во првиот квартал од 2019 година во споредба со првиот квартал во 2018 е 8,8%, што е рекорден раст за еден квартал во последните повеќе години. Така што, ова ние дава основа да се надеваме и да очекуваме дека и растот на вкупниот бруто домашен производ во првиот квартал ќе има значителни поместувања нагоре и рекордни бројки“, истакна вицепремиерот Анѓушев.