Премиерот Заев и вицепремиерот Османи, со министрите Манчевски и Поповски го одбележаа Светскиот ден на слободата на медиумите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска учествуваше на одбележувањето на Светскиот ден на слободата на медиумите, што во организација на Секретаријатот за Европски прашања,  како дел од активностите посветени на одбележување на европските денови во месец мај, се одржа во Клубот на пратениците.

Покрај домаќинот, заменик-претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на брифингот со уредници и новинари присуствуваа и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски како и министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски.

Во рамките на одбележувањето, беше организирана тематска прес конференција, на која вицепремиерот, Бујар Османи заедно со министрите Манчевски и Поповски имаа изјави за медиумите. 

Честитајќи им го Светскиот ден на слободата на медиумите на уредниците,  новинарите и на сите медиумски работници, вицепремиерот Османи побара поддршка од медиумите за последните чекори до евроинтегративниот процес.

 

 

„Веќе 30 години трчаме еден маратон кој се нарекува членство во европските и евроатлантските структури. Се наоѓаме буквално на неколку чекори од целта која се нарекува старт на преговорите за членство во ЕУ, без кои маратонот не може да биде завршен“, истакна Османи, посочувајќи притоа симболично на чекорите кои граѓаните треба да ги изодат до гласачките места, со кои би се обезбедиле успешни претседателски избори, како последни чекори кои ја водат земјата до преговори со ЕУ. 

„Само успешни избори, на кои граѓаните со цензус ќе изберат претседател, ќе претставуваат гаранција за демократската и институционалната зрелост на земјата, како потврда за долгорочна политичка стабилност, со што ќе се отстрани каква било можност за различна интерпретација на напредокот и тој ќе мора да биде верификуван преку почеток на преговорите“, потенцираше Османи.

Министерот за информатичко општество и администрација, Манчевски во своето обраќање се задржа на измените на Законот за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои беа усвоени и покрај сите обиди на опозицијата за негово блокирање. 

 

 

„Со Законот за АВМУ, како законска основа со којашто се гарантира слободата на медиумите, се обезбедува професионален и транспарентен избор на членовите на Програмскиот Совет на МРТВ, како и професионализација на АВМУ. За првпат се воведуваат критериуми за  избор на професионалци кои ќе ја водат реформата и ќе ги креираат политиките во медиумската сфера. Овие две тела се од големо значење, затоа што МРТВ како јавен сервис мора да биде пример за професионализам и новинарство ослободено од сите притисоци. Од друга страна, АВМУ како независен регулатор, мора да биде професионален во давање на оценки, насоки и критики кон медиумите кои на еден или друг начин отстапуваат од правилата кои ги налага професионалното новинарство“, рече министерот Манчевски.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, во изјавата за медиумите укажа на фактот дека медиумската сфера во Северна Македонија, за прв пат после една деценија е ослободена од политички притисоци, и дека денеска имаме повеќе критички текстови од пофалби. За секое прашање од важност за граѓаните, како резултат на слободни медиуми.

 

 

„Денеска медиумите се гласни. Не се замолкнати како во заробената држава. И треба да бидат гласни. Не криеме дека ни значи создадениот амбиент на отворена влада и гласни медиуми. Учествувавме во тоа. Во извештајот за Индексот за слободата на медиумите на Репортери без граници за 2017 година беше констатирано унапредувањето на медиумските слободи во нашата држава. Во извештајот на Репортери без граници за 2018 година, Северна Македонија скокна за 14 места напред, и од 109 место во 2017, сега е на 95-тото. Ова е најдобар резултат за слободата на медиумите во Северна Македонија во последните пет години. Ќе продолжиме да работиме на тоа овој позитивен тренд да продолжи“ потенцираше министерот Поповски и додаде дека во врвот на политиките на Владата е концептот на отворена влада како неопходност за демократизацијата на медиумскиот амбиент и за поддршка за слободно и професионално новинарство, активна транспарентност и пристапност. 

Светскиот ден на медиумите се одржува секоја година на 3 мај, при што на светско ниво се организираат бројни активности под покровителство на УНЕСКО и Обединетите нации, кои секоја година се под различно мото и во различна земја - домаќин. Оваа година мотото на одбележувањето е „Медиуми за демократија: новинарството и изборите во време на дезинформации“, а земја домаќин на одбележувањето е Етиопија. 

Секретаријатот за европски прашања, во рамките на одбележувањето на Деновите на Европа во месец мај, веќе втора година по ред е домаќин на одбележувањето на Денот на слободата на медиумите, и како што најавија, очекуваат ова да прерасне во традиција.