Вицепремиерот Анѓушев на отворањето на Мајските оперски вечери - Оваа манифестација е доказ дека Република Северна Македонија отсекогаш негувала отвореност за културните остварувања и за уметниците од целиот свет

Со пригоден осврт на значењето на уметноста и влијанието што културата и сензибилитетот на времето го имаат врз нашето секојдневие, Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, ги отвори 47-мите Мајски оперски вечери.

Потенцирајќи дека фактот што оваа прекрасна традиција на славење на оперската уметност живее во нашата земја скоро половина век, нè потсетува за постоењето и свеста за безвременските пораки кои операта ги носи и вредностите на кои таа нè учи.

„Во моите вообичаени говори посветени на економијата, на растот и развојот зборувам за реформа во образованието и она што го најавуваме, а тоа е дуалниот систем, но вечерва сакам да ви кажам дека сметам оти рационалноста оди рака под рака со уметноста - затоа што само така може да постои креативност. Со иста енергија, ентузијазам и љубов треба да им се посветиме и на часовите по музичко и ликовно образование затоа што односот што го градиме кон културата е впрочем, однос кон идентитетот.

Мајските оперски вечери се доказ дека Република Северна Македонија години наназад гради и негува отвореност за културните остварувања и за уметниците од целиот свет. Преку Мајските оперски вечери ние говориме на сите светски јазици, се поврзуваме со други светови, со други култури, и ја промовираме и нашата“, истакна вицепремиерот Анѓушев при отворањето на манифестацијата.