Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во рамки на официјалната посета на Република Чешка, имаше работан средба со министерот за земјоделство на Чешката Република Мирослав Томан. На средбата министерот Томан ја искажа подготвеноста на чешките институции да го пренесат целокупното искуство кое и е потребно на Република Северна Македонија за пристап во Европската унија од аспект на правила, постапки, процедури, легислатива и стандарди за квалитет и безбедност на храна, како неопходен предуслов во процесот на прилагодување.
Република Чешка како членка на ЕУ користи 1 милијарда евра средства наменети за модернизирање на земјоделството и подобрување на условите во руралните средини. Бенефитот за земјоделците од влезот во ЕУ е голем, но истовремено е неопходно да се достигнат стандардите за квалитет и безбедност на храната. Чешка е на врвот на ЕУ во одгледување на добиток и поседува најдобар генетски материјал, а инспекциските служби се едни од најстрогите во Европа. Во оваа насока, министерот Томан ја понуди нивната помош за пренесување на потребното знаење и искуството. Воедно, на средбата беа отворени голем број актуелни прашања, кои се приоритетни за реформа во шумарството, водостопанството и справувањето со климатските промени кои од година во година предизвикуваат сериозни штети врз земјоделското производство.
На средбата двајцата министри потпишаа Декларација за намера помеѓу Република Чешка и Република Северна Македонија. Со Декларацијата е предвидена взаемна соработка на двете држави во делот на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи, размена на искуства во областа на здравјето на растенијата и фитосанитарна политика,шумарската политика, соработка во евро-интегративните процеси во земјоделските и руралните сектори, како и шумарството, рибарството и аквакултурата, лозарство, производство на вино, консолидација на земјоделско земјиште, осигурување и инструменти за финансиска поддршка во земјоделството и друго. Инаку, со Република Чешка за прв пат се потпишува документ за соработка во областа на земјоделството, што претставува позитивен импулс во унапредување на взаемната соработка.
Ова е прва средба на министри за земјоделство на двете земји по подолг период и беше оценета како многу успешна, бидејќи се дискутираше за конкретни теми и можности за соработка.