Денеска во Владата на Република Северна Македонија се одржа настан на којшто се презентираа резултатите од Извештајот на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените во нашата земја.
Воведни обраќања на настанот имаа Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, Шефот на мисијата ОБСЕ во Република Северна Македонија, амбасадорот Клеменс Која и специјалната советничка за родови прашања во ОБСЕ, Амарсана Дарисурен. Потоа следуваше дискусија на тема предизвици и идни активности за спречување и борба против насилството врз жените во која зема учество министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
„Разгледувајќи го извештајот на ОБСЕ еден податок ме загрижи - само 2 проценти од испитаните жени кои имаат доживеано насилство од нивните партнери во полиција го пријавиле како сериозен инцидент. Ова мора итно да го менуваме. Жените во Република Северна Македонија треба и мора да се почувствуваат еднакви, сигурни, почитувани, вклучени и целосно интегрирани во општество со нулта толеранција за било каков облик на насилство. Наша заедничка обврска е тоа да го овозможиме. Да нема дилеми - жените се нашата сила за напред и наши еднакви партнери“ порача премиерот Заев во своето обраќање.
Премиерот Заев рече дека насилството врз жените и неприфатливо и претставува кршење на основните човекови права и Владата заедно си сите засегнати страни ќе работи на унапредување на човековите права и на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените.
„Работиме на јасни и недвосмислени законски решенија со коишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство. Владата на Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција), а во октомври лани го усвои Акцискиот план за спроведување на конвенцијата за периодот од 2018 до 2020-та година. Исто така се унапредуваат потребните услуги за поддршка и заштита на жените жртви на насилство. За првпат е отворен Центар за жртви на сексуално насилство во кој жртвите ќе добијат психосоцијална поддршка и помош за нивна ресоцијализација и реинтеграција, како и три центри за упатување на жртвите на сексуално насилство, лоцирани во здравствени установи во Скопје, Куманово и Тетово. Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кои се однесува на секој еден од нас. Токму затоа мора да работиме заеднички и да ставиме крај на истото.
Ве охрабрувам и поканувам сите заедно, институции, граѓански организации, меѓународни организации, активистки и активисти, да кажеме и покажеме дека навистина нема толеранција за насилството врз жените и девојките во нашето општество“, посочи премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во своето обраќање на панел дискусијата се заблагодари на ОБСЕ за извештајот и истакна дека истиот е посебно важен за државата, бидејќи во минатото сите одлуки се носеле без да бидат поткрепени со докази и конкретни податоци.
„Иако пред нас постојат многу предизвици сепак оваа Влада има силна политичка волја да работи на решавање на овој проблем и да ја спроведеме ратификуваната Истанбулска конвенција. Скопскиот регион целосно ни е полиен со кризни центри за жени жртви на насилство. МТСП си постави задача дека годинава ќе отвори 5 сервиси и се надеваме со меѓународна поддршка да активираме соодветен кадар којшто ќе работи директно со жртвите. Дополнително активно работиме на нов закон кој што ќе ги опфати сите форми на насилство врз жената којшто годинава се очекува да влезе во собраниска процедура”, рече Царовска.