Од заедничката седница на двете влади на Северна Македонија и Црна Гора во Подгорица: Отвореноста и довербата меѓу двете земји овозможува неограничен простор за јакнење на врските во сите области од заеднички интерес

Во петок, 24-ти мај 2019 година во Подгорица се одржа првата заедничка седница на Владата на Црна Гора и Владата на Република Северна Македонија. Ова е прва заедничка седница на владите на двете држави и воедно прва која се организира во Црна Гора. 

Делегацијата на Република Северна Македонија ја предводеше претседателот на Владата Зоран Заев, а во работата на седницата учествуваа: потпретседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, министерот за животна средина Садула Дураки, заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. 

 

 

Претседателот на Владата Душко Марковиќ ја предводеше делегацијата на Црна Гора, која ја претставуваа и: потпретседателот на Владата за економска политика и финансиски систем и министер за земјоделство и рурален развој Милутин Симовиќ, министерот за одбрана Предраг Бошковиќ, министерот за внатрешни работи Мевлудин Нухоџиќ, министерот за туризам и одржлив развој Павле Радуловиќ, министерот за здравство Кенан Храповиќ, министерката за економија Драгица Секулиќ, министерот за сообраќај и поморство Осман Нурковиќ, државниот секретар на  Министерството за надворешни работи Зоран Јанковиќ и генералната секретарка на Владата Наташа Пешиќ.    

Двете влади заклучија дека односите на Црна Гора и Република Северна Македонија се добри и се темелат на принципите на пријателство, отвореност и доверба. Фактот дека меѓу двете земји нема отворени прашања на политичка основа овозможува неограничен простор за јакнење на врските во сите области од заеднички интерес. 

Констатиран е висок степен на синхронизираност по прашањата на досегашните и идните надворешно-политички активности, земајќи ја во предвид комплементарноста на надворешната политика и недвосмислената определеност на Република Северна Македонија и Црна Гора за членство во ЕУ и НАТО. Во таа смисла изразено е задоволство со меѓусебната соработка и визијата во поглед на европските и евроатланските перспективи на двете држави. 

Изразено е задоволство од квалитетот на односите на регионално и мултилатерално ниво и во тој поглед позитивно е оценета досегашната пракса на давање меѓусебна поддршка, како во поглед на ставовите, така и по пат на поддршка на кандидатурите за раководни места во регионалните и меѓународни организации и механизми на соработка.  

Континуираната и квалитетна комуникација на органите на двете држави резултира со потпишување на неколку спогодби, како и со договори за интензивирање. Потпишани се:

  • Спогодба помеѓу Владите на Црна Гора и Република Северна Македонија за взаемна заштита на класифицирани податоци;
  • Протокол за соработка на Министерствата за внатрешни работи во областа на европската интеграција;
  • Спогодба за соработка во областа на животната средина помеѓу Министерството за одржлив развој и туризам на Црна Гора и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија;
  • Меморандум за разбирање во областа на здравството меѓу Министерството за здравство на Република Северна Македонија и Министерство за здравство на Црна Гора, со што се стекнаа неопходни предуслови за јакнење на постојните врски во овие области.

 

 

Укажано е на потребата за унапредување и јакнење на интензитетот на соработката во сите области од заеднички интерес, со посебна нагласка во областа на економијата, имајќи ги во вид потенцијалите во сферата на размената на добра меѓу двете држави, постоечкиот инвестиционен амбиент и туристичките ресурси. Во таа смисла посебно е изразено задоволство од одржувањето на Бизнис форумот на кој реномирани стопанственици на двете држави ги дефинираа областите од заеднички интерес во рамките на кои ќе ја интензивираат идната соработка. 

Заклучено е наредната седница на двете Влади да се одржи во Република Северна Македонија.