Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и претставници од неговиот кабинет од секторот за транспорт, се сретна со претставници од МАКАМ - ТРАНС, Асоцијацијата на здруженија на работодавачи на превозните трговски друштва во нашата држава, предводени од генералната секретарка Биљана Муратовска.
На средбата е разговарано за прашања од важност за превозниците и е договорено, по насока на премиерот Заев, низ уште поактивна институционална соработка, да се пристапи кон нивно решавање, согласно законите во земјава и искуствата и регулативите од ЕУ.
Од страна на претставниците на МАКАМ - ТРАНС е истакнато дека за прв се примени од еден премиер, со којшто можат отворено да разговараат за отворените прашања, проблеми, искуства што ги имаат со цел нивно поефикасно надминување.
На денешната средба договорено е зголемување на заложбите за реализација на обезбедувањето дозволи согласно Спогодбата за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ, споделени се информации околу финализирање на Спогодбата со Германија за штаер картата, што би значело и намалување на трошоците за патни такси, постигната е согласност за вложување поголеми напори за освојување на нови транспортни пазари како: Казахстан, Киргистан, Азербејџан, Грузија, Ерменија преку потпишување билатерални спогодби. На средбата е разговарано и за доделувањето ЦЕМТ дозволи во интереси и на големите и на малите превозници на стоки, со цел рамноправност, но и мотивираност на работодавачите за нови вложувања.
Разговарано е за можностите за решавање на проблемите со казни што ги имаат превозници од нашата држава на некои царински простори во други држави, поради причини на коишто превозниците не можат да влијаат. Договорено е, претставниците на МАКАМ - ТРАНС да достават забелешки на законите коишто се во собраниска процедура, а коишто се однесуваат на транспортот, со цел обезбедување што поширока прифатливост за засегнатите страни.