Премиерот Груевски се сретна со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кнут Волебек

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, г-дин Кнут Волебек.

На средбата стана збор за генералните аспекти на соработка помеѓу Владата на Република Македонија и ОБСЕ, а во тие рамки и со Високиот комесаријат за национални малцинства.

Претседателот Груевски го информираше својот соговорник за политиките што ги презема Владата на Република Македонија, особено во контекст на спроведувањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, што претставува еден од приоритетите на владината програма.

Двајцата соговорници заклучија дека сите општествени фактори треба да продолжат да работат на унапредување на процесите на меѓуетничка соработка и интеграција, што има за цел понатамошно зајакнување на севкупните односи во македонското општество, како и превенирање на одредени предизвици кои повремено се појавуваат на овој план.