Развој на земјоделството
Приоритет на Владата е зголемување на земјоделските површини и на приносот и квалитетот на земјоделските производи. Тоа ќе значи и поголеми приходи во сите семејства кои се занимаваат со земјоделство и сточарство. Политиката ќе биде насочена и кон зголемување на индустриско-преработувачките капацитети кои ќе бидат извозно ориентирани и ќе создаваат производи со повисока додадена вредност. Поважни задачи во областа на земјоделството се: насочување на земјоделските субвенции кон профитабилни и пазарно ориентирани земјоделски стопанства; транспарентност на буџетските средства од националната програма за земјоделство и рурален развој; консолидација и окрупнување на земјоделското земјиште по стопанство; и xоризонтална интеграција на субјектите во земјоделско-прехранбениот сектор и формирање на кооперативи.
Владата на Република Северна Македонија ќе обезбеди годишна финансиската поддршка за земјоделството во износ од 160 милиони евра. При тоа, дополнителни финансиски стимулации ќе бидат на располагање за зголемување на земјоделските површини и на основното стадо. Зголемената поддршка ќе оди паралелно и со зголемена правичност и транспарентност со цел средствата навистина да доаѓаат кај вистинските земјоделци и сточари. За таа цел, целосно ќе се стави во употреба системот кој, врз основа на снимки од воздух, ќе ја утврдува моменталната состојба на земјоделското земјиште со што ќе се намалат можностите за злоупотреба. Воедно, системот ќе се промени за да се забрзаат и поедностават процедурите за доделување субвенции и полесен пристап до ЕУ фондовите за рурален развој.
Согласно реформите предвидени во даночниот систем, на граѓаните на кои основна дејност им е земјоделството и ги исполнуваат условите за паушално оданочување, ќе бидат ослободени од плаќање на данок.
Ќе се овозможи повозрасното земјоделско население, со стаж од 15 години и со старост од 64 години, да биде корисник на пензија.
Владата ќе воведе субвенции за нафтата за земјоделската механизација со механизам за спречување на можни злоупотреби.
Владата ќе предвиди обврска исплатата на откупените земјоделски производи да се изврши најдоцна 90 дена по извршениот откуп. Во законот ќе се воведе обврска за банкарска гаранција за планираниот откуп на земјоделски производи.
За таа цел, Владата ќе посредува во преговорите меѓу производителите и откупувачите на земјоделските производи (пченица, ориз, градинарски култури, овошје, грозје и др.) и на нив ќе се договараат откупот и откупните цени најдоцна 30 дена пред започнување на откупот.
Во поглед на земјоделското земјиште, Владата ќе ги преземе следните мерки и активности:
∎ Ревизија на веќе доделеното државно земјоделско земјиште и категоризација на земјиштето според квалитетот, од што ќе зависи големината и времетраењето на концесијата.
∎ Реонизација на земјоделството според почвено-климатските услови на реоните за планско растително и сточарско производство и ќе се направат листи на препорачани култури и сорти, земајќи ги предвид и традиционалните производства.
∎ Окрупнувањето на земјоделското земјиште ќе се одвива преку процеси на размена на парцелите со или без промена на нивната форма, до целосна промена на границите на земјишните парцели за да се добијат окрупнети земјишни површини со правилна форма, погодна за земјоделско производство.
∎ Дополнително, обработливите површини ќе се зголемат со инвестирање во хидромелиоративни системи
Владата ќе воведе можност за зголемена финансиска поддршка за земјоделеците на возраст до 35 години, до пет години од периодот на започнување со земјоделска дејност. Младите земјоделци до 35 години ќе се ослободат од закуп на државно земјоделско земјиште во период од првите 3 години и ќе се обезбеди зголемено учество на државата во трошоците за земјоделска механизација. Заради полесно користење на ИПАРД средствата, Владата ќе воведе финансиска поддршка за каматите за кредитите подигнати од комерцијалните банки наменети за инвестиции од ИПАРД програмите.
Владата ќе воведе мерки за стимулирање на производството на добиточна храна, алттернативни култури, органско производство, произведен и пласиран саден материјал од градинарски култури, производство на повисока категорија на саден материјал, изградба на инфраструктура до потешко проодните планински фарми. Ќе се поттикнува изградба на современи складишни капацитети и откупно-дистрибутивни центри во производните региони за специфични земјоделски производи чиј капацитет ќе биде над 5.000 тони, како и создавање и заштита на производи со препознатлив бренд, знак за квалитет или географско потекло.
Владата ќе предложи измена на Законот за тутун во кој откупот на тутунот ќе биде регулиран со класификација во три квалитетни класи и според процентуалната застапеност на бербите (долна, средна и горна).
Поддршката за развој на преработувачката индустрија ќе се реализира преку кофинансирање на изградба и реконструкција на производни објекти, набавка на опрема за винарски визби, преработка на овошје и зеленчук, преработка на млеко и производство на млечни производи. Како дел од оваа политика, ќе се доделуваат локации на урбанизирано државно земјиште во поголемите производни региони (Струмица, Валандово, Гевгелија, Битола, Прилеп, Росоман, Бе- рово, Ресен, Охрид, Тетово, Гостивар, Валандово, Липково, Кичево и во други региони).
Со цел да се зголеми квалитетот на продуктите, Владата ќе поддржи инсталирање на дигитални хидрометеоролошки станици во секој поголем производен регион. Ќе се обезбеди сигурна и поевтина заштита на посевите и насадите за да се намали употребата на пестицидите. Во таа насока, ќе ја зајакнеме контролата при увозот и продажбата на пестицидите.
Во сточарството, ќе поттикнеме доделување на државно земјоделско земјиште на вистинските сточари, зголемување за 20% над основните субвенции за регистрираните сточари, со цел да се стимулира развојот и професионализацијата во сточарството како основна дејност, финансиска поддршка за млади фармери при купување на првото стадо, зголемување на поддршката на мелкоп роизводителите и поддршка за вештачко осеменување на овците и добивање на синхронизирано производство на јагне, тежински конфекционирано за извоз во ЕУ.
Здравјето на животните е клучен фактор во обезбедувањето на здрава храна на граѓаните на Република Северна Македонија и зголемување на извозот. Ќе се намали стапката на ДДВ за ветеринарните лекови, ќе ја преземеме регистрацијата на ветеринарно-медицински препарати од ЕУ, ќе го субвенционираме воведување на нови акредитирани методи и акредитација на лабораториите кои се занимаваат со контрола на безбедноста на храната за извоз и за домашниот пазар.
Ќе се формира интервентен фонд наменет за земјоделско-прехранбениот сектор за стабилизирање на приходите на земјоделците како надомест при нивен значителен пад.
Владата ќе ја спроведува Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Северна Македонија, со учество на сите релевантни фактори од областа на шумарството и ловството, како и на граѓаните преку невладините организации. Во таа насока, ќе се трансформира ЈП „Македонски шуми” во насока на одговорното раководење, зголемувањето на продуктивноста и задоволителни финансиските резултати.
Една од важните цели на Владата ќе биде зголемување на шумскиот фонд во Република Северна Македонија и многу поквалитетно чување на шумите и заштита од дивата сеча со преминување на секторот за шумска полиција од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во надлежност на Министерство за внатрешни работи.